Србија одбележува – 19 години од атентатот на Зоран Ѓинѓиќ

На денешен ден пред 19 години беше извршен атентат на српскиот премиер и лидер на Демократската партија (ДС) – Зоран Ѓинѓиќ.

Премиерот на Србија беше убиен на 12 март 2003 година во дворот на зградата на Владата на Србија, а за неговото убиство беше осуден офицерот на Единицата за специјални операции на Одделот за државна безбедност (ЈСО), Звездан Јовановиќ, на 40 години затвор. На истата казна е осуден и командантот на ЈСО Милорад Улемек Легија за организирање на убиството.

Политичката позадина на атентатот на Ѓинѓиќ никогаш не е откриена.

Премиерката Ана Брнабиќ и членовите на нејзиниот кабинет денеска положија венец на спомен плочата во дворот на Владата, каде пред 19 години беше убиен Зоран Ѓинѓиќ.

Неколку стотици граѓани денеска му оддадоа почит на Зоран Ѓинѓиќ, првиот демократски избран премиер на Србија, одејќи пешки од Ташмајдан до Алејата на заслужните граѓани на Новите гробишта.