
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржа работна средба со Лаура Лунгароти, субрегионален координатор за Западен Балкан на Меѓународната организација за миграции и раководителката на Мисијата на ИОМ во Република Северна Македонија, Соња Божиновска.
На средбата, министерот Спасовски ја истакна извонредната соработка и силното партнерство што постои помеѓу МВР и ИОМ, која особено дојде до израз од почетокот на мигрантската криза, а понатаму се рефлектира и надоградува во изминатиот период.

Особено внимание и благодарност од страна на претставничката на ИОМ, Лунгароти беше искажана во врска со поддршката и постојаната координација и соработка за време на минатогодишната конференција во заедничка организација на Меѓународната организација за миграции и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија насловена „Оджливо управување со миграциите во Западен Балкан“ која на 15 и 16 ноември се одржа во Скопје. На средбата меѓу другото стана збор и за неколку нови предлог иницијативи и активности коишто ИОМ има во план да ги реализира во претстојниот период во нашата земја, но и во регионот на Западен Балкан генерално, а кои се однесуваат на ефективно управување со миграциите, враќањето и реадмисијата.

Заеднички беше потврден натамошниот ангажман и посветеност во областите на управување со миграцијата, меѓу кои и борбата против организираниот криминал, криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе, со заемно уверување и поддршка за имплементирање на натамошни проекти и активности со цел справување со предизвиците од нелегалната миграција, враќањето и реадмисијата.