Со коњички скок до македонско државјанство

Со осмислен коњички скок, украинскиот политичар Олександар Онишченко стана македонски државјанин и репрезентативец во коњички спортови. Македонските документи ги доби со одлука на Владата во мај годинава, иако има сомнителна биографија, Украина го бара за криминални дејствија а САД го ставија на листата на санкционирани лица, како што објави порталот „Призма“.

Онишченко е добро познат во Украина. Завршил воена школа во својата земја, работел во советската војска па е испратен во Германија, а по враќањето во Украина основа компанија „Орион-Киев“ која станува главен снабдувач со гас на Киевскиот регион.

Пред 10 години е избран за пратеник и заменик на Врховната Рада, но во 2016-та е осомничен за перење пари и проневера на 100 милиони евра државни средства.

Истражните органи го бараат, а тој заминува за Велика Британија, потоа за Шпанија и Германија, со ветувања за инвестирање во коњичкиот спорт.

Во 21-ва, САД преземаат санкции прогласувајќи го за „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори“. Тврдат дека на Кремљ му предал преработени аудио снимки од наводни разговори меѓу украинскиот екс претседател Пјетро Порошенко и тогашниот американски потпретседател Џо Бајден.

Паралелно, украинецот е дел од светскиот џет-сет. Се фотографира со Рафаел Надал, Силвестер Сталоне, Парис Хилтон, Ева Лонгорија и други.

Македонската Влада не видела ништо спорно во барањето државјанство на лицето кое веќе имало две други државјанства: руско и украинско. Барањето е поднесено од Федерацијата за коњички спортови, која оценила дека „тој може да го поддржи развојот на коњичкиот спорт“, што се покажало точно бидејќи на Македонија `и донесе седмо место на натпреварот во коњички скокови во Сен Тропе.