Софија се уште молчи за побараната средба

Сè уште нема одговор од бугарската страна за барањето за средба што ја побара македонското МНР со Софија по разговорите во Скопје со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

„Го замолив министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба. Тоа тој го направи. Сè уште немаме одговор. Откако ќе добиеме одговор, тогаш повеќе ќе можеме да коментираме“, рече Мицкоски.

Повод за советот на Фон дер Лајен да се побара билатерална средба на Муцунски со министерката Велислава Петрова Чамова е состанокот за Коридорот 8 што ќе се одржи на 8 октомври во Софија.

Во врска со различните ставови кон цар Самуил, премиерот Мицкоски рече дека не знае на што точно се однесуваат тие разлики.

„Како резултат на еден договор од минатото, Бледскиот договор, посмртните останки на големиот македонски великан, Гоце Делчев се наоѓаат во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Некако забораваме на тој договор. Ние како да имаме селективна меморија, ова делува како на доручек да се послужиме со она што сакаме, а она што не сакаме, го оставаме на страна. Така што, и тие договори треба малку да ја освежат меморијата, регионално“, рече Мицкоски.

Премиерот се осврна и на информациите дека дел од размената на артефакти меѓу Бугарија и Грција се и антиквитети и реликвии од црквата „Богородица Перивлепта“ во Охрид, за кои, како што рече, постојат наводи дека за време на Првата и Втората светска војна биле одземени и однесени во главниот град на источниот сосед, но додаде дека не би навлегувал во дополнителни коментари за ова прашање.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали има незадоволство од пораките на Урсула фон дер Лајен или од застојот на патот кон ЕУ, премиерот изјави:

„Видете, јас тоа го слушнав од опозицијата и од одредени медиуми блиски до опозицијата. Мислам дека не само што не ја говорат вистината, туку и се обидуваат сега и да ја искривуваат вистината. Јас, напротив, кажав дека имавме исклучително квалитетен, содржаен, пријателски состанок и дека сето она коешто во иднина претставува посветеност лична и посветеност на Европската Унија, нѐ мотивира да продолжиме по патот на реформите и така и ќе продолжиме во периодот којшто следи. Јас само ќе кажам дека претседателката Фон дер Лајен, како никогаш досега, кажа дека оваа Влада прави инспиративна работа, еве да ја цитирам, за реформите и за сето она коешто е посветено на приклучување на државата кон Европската Унија“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека очекува дека во периодот којшто следи, „конечно ќе можеме сите ние да го интензивираме овој процес и да најдеме решение за ситуацијата во којашто се наоѓаме“.