
Собранието го усвои Законот за игрите на среќа, избрана нова заменик-генерална секретарка
Собранието на денешната 109. седница го усвои новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, ја продолжи кризна состојба на дел од територијата на државата и ја избра Христина Софронијоска за заменик-генерална секретарка на законодавниот дом.
Собранието на денешната 109. седница го усвои новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, ја продолжи кризна состојба на дел од територијата на државата и ја избра Христина Софронијоска за заменик-генерална секретарка на законодавниот дом.
Законот за игрите на среќа беше изгласан со 60 гласа „за“ и 20 „против“.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски изјави дека законот предвидува објектите за приредување игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта, мерено по најбезбедната пешачка рута.
Тој посочи дека со новите законски решенија значително се ограничува рекламирањето на казината и обложувалниците. Светлечките реклами ќе бидат забранети, а ќе биде дозволена само табла со називот на приредувачот, со максимални димензии од 100 на 30 сантиметри, без промотивни пораки.
Дополнително, законот воведува задолжително GPS-поврзување на апаратите и казината со Управата за јавни приходи, со цел подобар надзор, дигитализација на секторот и полесно откривање на нелиценцирани приредувачи. Законските решенија се усогласуваат и со препораките на Moneyval за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Јанкуловски нагласи дека доколку при примената се утврдат слабости, Министерството за финансии ќе предложи дополнителни измени.
Пратеникот Амар Мециновиќ од Левица соопшти дека неговата партија не го поддржала законот бидејќи не биле прифатени нивните амандмани, кои предвидувале целосни ограничувања за рекламирањето на коцкањето, вклучително и на социјалните мрежи.
Во текот на седницата пратениците ја утврдија и потребата од донесување измени на Законот за испитување и жигосување на огненото оружје и муницијата, како и на Законот за јавни претпријатија и трговски друштва во државна сопственост, по скратена постапка, како дел од законите поврзани со Реформската агенда.