Силен земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтер го погоди Мексико

Силен земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот дел на Мексико, информира Американскиот геолошки институт (USGS).

Малку по 13 часот по локално време, земјотресот со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала го погоди крајбрежјето на пограничниот регион на државите Мичоакан и Колима на длабочина од околу 15 километри, соопшти Американскиот геолошки институт (USGS).

Земјотресот бил почувствуван и во главниот град Мексико Сити, каде што по потресот граѓаните почнале да излегуваат од зградите на улиците. Градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шеинбаум, рече дека во моментов нема извештаи за материјална штета.

Американскиот центар за предупредување од цунами во Тихиот Океан издаде предупредување за цунами во делови од брегот на Мексико, велејќи дека се можни бранови кои достигнуваат 1 до 3 метри над нивото на плимата.

Мексико во минатото беше погодено од два земјотреси на денешен ден. Неколку илјади луѓе ги загубија животите во разорниот земјотрес на 19 септември 1985 година, додека 350 луѓе загинаа во земјотресот што го погоди Мексико на истиот датум во 2017 година.