Сибиха бара европските држави да ја следат Естонија и да ги затворат граничните премини со Русија

– Одлуката на Естонија да ги затвори сите гранични премини со Русија, која стапува во сила на 1 декември, испраќа јасна порака: непријателските дејствија имаат конкретни последици. Ја поздравуваме оваа одлучна мерка насочена кон зајакнување на безбедноста на Естонија. Овој пристап заслужува поширока поддршка низ Европа, објави Сибиха на платформата Икс.

Шефот на украинската дипломатија Андирј Сибиха синоќа ги повика европските влади да го следат примерот на Естонија и од 1 декември да ги затворат сите гранични премини со Русија.

– Одлуката на Естонија да ги затвори сите гранични премини со Русија, која стапува во сила на 1 декември, испраќа јасна порака: непријателските дејствија имаат конкретни последици. Ја поздравуваме оваа одлучна мерка насочена кон зајакнување на безбедноста на Естонија. Овој пристап заслужува поширока поддршка низ Европа, објави Сибиха на платформата Икс.

По обидот за саботажа во естонската фабрика за производство за беспилотни летала „Треод системс“ (Threod Systems), министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахна најави дека Талин на 1 декември ќе ги затвори сите гранични премини со Русија.

Во Естонија се приведени осум луѓе под сомнение дека по нарачка на руската воено разузнавачка служба (ГРУ) се обиделе да подметнат пожар во фабриката за дронови.

– Русија мора да сфати дека непријателските постапки кон Естонија имаат последици, објави Цахна на платформата Икс без да прецизира колку долго ќе бидат затворени граничните премини со Русија.

Тој наведе дека за одлуката на Талин информирани се Финска, Летонија и Литванија.

Премиерот на Естонија, Кристен Михал изјави дека бил направен обид за подметнување пожар во фабрика за дронови, а за инцидентот ја обвини руската разузнавачка служба.

– Во текот на ноќта на 14 ноември, по наредба на ГРУ, бил извршен обид за саботажа во естонската одбранбена компанија „Треод системс“, објави Михал на Икс.

Тој додаде дека поголема штета била спречена благодарение на засилените безбедносни мерки и брзата реакција на органите на редот.

Москва сè уште не ги коментирала наводите за нејзина вмешаност во саботажата и затворањето на граничните премини.

Русија постојано ги негира обвинувањата од европските власти за нејзина вмешаност во саботажите.

Естонија, која е членка на НАТО и на Европската унија во моментот има отворени три гранични премини со Русија – Нарва, Лухама и Коидула преку кои е дозволено само пешки преминување и транспорт на стока.