СДСМ: Одлуката на Трајанов да ја напушти Владата не менува ништо

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) утрово соопштија дека одлуката на Демократскиот сојуз да премине во опозиција во суштина не менува ништо, владината коалицијата и парламентарно мнозинство се силни и стабилни и успешно ќе може да продолжат да ги носат важните закони во Собранието за реформите во економијата и за европскиот пат на државата.

Во текот на вчерашниот ден беа усвоени Законите за Иницијативата Отворен Балкан и Договорот со ФРОНТЕКС, од интерес на сите граѓани.

Од Бихаќка додаваат дека добро е што Демократскиот сојуз и пратеникот Павле Трајанов и понатаму го поддржуваат европскиот пат на државата. и дека тоа е важно за иднината на нашата земја.

„СДСМ и владејачкото мнозинство и понатаму остануваат отворени за соработка и со други партии и пратеници кои се за продолжување на европскиот пат“ велат од партијата.

Претседателот на Демократски сојуз синоќа соопшти дека неговата партија излегува од власта и ќе делува како опозиција.

„Демократски сојуз нема да ја поддржи реконструкцијата на Владата и нема да биде дел од парламентарното мнозинство“, изјави Трајанов.

Партијата на Трајанов соопшти дека и понатаму ќе иницира и поддржува реформи поврзани со евроинтеграциските процеси, со започнатиот скрининг процес, како и со законите кои се во интерес на граѓаните и на државата.

Претходно и Алтернатива ја напушти владината коалиција и соопшти дека ќе делува како опозиција.