Европската Унија најави санкции за инволвираните, откако Владимир Путин го потпиша указот за признавање независност на т.н. Доњецка и Луганска народна република.
Шарл Мишел – претседателот на Европскиот совет и претседателката на Европската комисија – Урсула Фон дер Лајен најостро ја осудуваат одлуката на Путин да продолжи со признавањето на областите Доњецк и Луганск, кои не се контролирани од властите во Украина, како независни ентитети.
„Овој чекор е очигледно кршење на меѓународното право, како и на договорите од Минск“, се истакнува во заедничкото соопштение од Мишел и Фон дер Лајен.
„Унијата ќе реагира со санкции против инволвираните во овој незаконски чин“ – најавија дипломатите.
ЕУ продолжува со непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.