„Бројот на граѓаните кои примиле прва доза на вакцина против Ковид-19 не е доволен, но уште понезадоволително е тоа што е многу мал бројот на оние кои примиле трета доза, која е најсигурниот штитник особено за пациентите со коморбидитети“. Ова вечерва го изјави министерот за здравство – Беким Сали.
„Нашите првични анализи, кои не се финални, ни даваат до знаење дека третата доза е најсигурниот и најбезбедниот штитник. Апел до сите наши граѓани, ги молиме сите што имаат коморбидитети, што побрзо да се обратат кон сите вакциналните пунктови за да се заштитат“ – изјави Сали.
Тој рече дека сега не е момент на финансиска калкулација, но информираше дека уништување на една вијала од шест дози вакцини чини 0,29 денари.
„Сметаме дека не е момент на финансиски калкулации. Ние сме во период на една пандемија која трае, иако одредени држави веќе ја сметаат за завршена приказна, но ние се занимаваме со терцијални или секундарни работи, а приматот го забораваме. Уништувањето на вакцините скоро и да не чини многу колку што се пропагира. Една вијала која што е шест дози на вакцини чини околу 0,29 денари и мислам дека не би требало да се прави некоја политика за уништувањето на вакцини, колку што е важна навремена вакцинација на нашиот народ“ рече министерот за здравство.
Тој уште еднаш испрати апел до граѓаните да се вакцинираат за да се заштитат од вирусот.