Сали: Да засукаме ракави и да се справиме со пандемијата!

„Од понеделникот кога почнав со новата функција поголем дел од секој ден ми е посветен на преземањето мерки и формирање нова Комисија за заразни болести, надградена, така што не е период за лични дискусии и молење и други начини на покани, сега е период на засукување ракави и да се справиме со пандемијата“. Ова денеска го изјави министерот за здравство Беким Сали,

Тој вчера преку пост на Фејсбук ги поканил тројцата професори д-р Драган Даниловски, д-р Никола Пановски и д-р Вело Марковски да се приклучат како членови на Комисија за заразни болести и со тоа да придонесат во нејзината работа.

„Поканата е јавна до сите експерти. Во случај на пандемија, односно во случај кога ние се бориме против еден вирус мислам дека не би требало да пристапуваме со начинот како сме повикани, туку треба да пристапиме позитивно кон поканата и да одговориме и да бидеме членови на комисии, односно работни групи каде што се судруваат или се дискутираат аргументи со цел доаѓање до некое одредено, привремено, можеби и трајно решение“ рече министерот Сали.

Тој денеска беше во посета на Клиниката за детски болести, каде успешно е излекувано девојче од акутна леукемија.