
САД распоредиле оружје во вселената
Американската војска потврди дека САД распоредиле оружје во вселената – потег објавен во необично јавно соопштение, за кој аналитичарите предупредуваат дека ќе ја забрза високоризичната трка во вооружувањето со Русија и Кина во Земјината орбита.
Американската војска потврди дека САД распоредиле оружје во вселената – потег објавен во необично јавно соопштение, за кој аналитичарите предупредуваат дека ќе ја забрза високоризичната трка во вооружувањето со Русија и Кина во Земјината орбита.
Американскиот секретар за воздухопловни сили, Трој Меинк, изјави дека Вашингтон поседува активни оружја „во орбитата“, што значи дека тие се веќе распоредени и кружат околу Земјата.
„Денес продолжуваме да се грижиме дека сме подготвени да одговориме на предизвиците од заканите што се менуваат, каде и да постојат тие“, рече Меинк на годишната конференција посветена на воздухопловството, вселената и сајбер-просторот. „Токму затоа САД сега поседуваат оружје за контрола на вселената, лоцирано во самата орбита.“
Меинк изјави дека нема да навлегува во „детали“ за самото оружје. Сепак, портпаролот на Американските вселенски сили (US Space Force) појасни дека поимот „контрола на вселената“ може да се однесува на „употреба на кинетички [борбени] и некинетички средства за влијание врз капацитетите на противникот“. Во соопштението се додава и дека „овие капацитети можат да се користат за офанзивни и дефанзивни цели“.
Како одговор на американската објава, кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека Вашингтон се „подготвува за војна во вселената“ и предупреди да не се претвора вселената „во бојно поле, ниту пак таму да се води трка во вооружувањето“. Во Москва, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите дека Русија смета оти „вселената мора да биде ослободена од какво било оружје“ и повика на „целосна демилитаризација на вселената“.
Јавна тајна е дека САД, Русија и Кина работат на вселенско оружје, кое може да вклучува уреди за попречување на сигнали (џамери) за онеспособување на други сателити, или пак кинетички опции, вклучувајќи и такви што испукаваат проектили.
Сепак, експертите за вселена предупредуваат дека првата јавна потврда за постоењето на такви капацитети во орбитата би можела да ја забрза ризичната трка во вооружувањето. Астрономот Џонатан Мекдауел, кој со децении составува список на лансирања на ракети, изјави за „Гардијан“ дека е разумно да се претпостави оти Вашингтон поседува такво оружје во вселената – веројатно уреди за попречување на сигнали – бидејќи веќе има распоредено неколку сателити со таен товар. Тој изјави дека по ова соопштение, Русија и Кина сега ќе „возвратат на ист начин“ и ќе распоредат сопствено оружје.
„На долг рок, сметам дека е дискутабилно дали ова е во националниот интерес на САД, а сигурно е дека ќе видиме слични системи и од Кина, доколку веќе ги немаат“, рече тој.
Дури и попречувањето на радио-сигналите би претставувало значителна ескалација на воените активности во вселената, изјави Мекдауел, кој работеше во Центарот за астрофизика Харвард-Смитсонијан сè до своето пензионирање оваа година.
Викторија Самсон, директорка за вселенска безбедност и стабилност во организацијата „Secure World Foundation“, изјави за веб-страницата „Defence One“ дека САД сега мора да прифатат оти Кина и Русија ќе го сторат истото. „Тоа е од огромно значење, бидејќи не верувам дека некој владин претставник на САД претходно го кажал тоа“, рече таа.
Иако милитаризацијата на вселената започна во 1950-тите години, кога и Вашингтон и Москва истражуваа начини за уништување сателити, низ децениите имаше обиди просторот околу Земјата да се зачува за мирнодопски цели. Во 1967 година, суперсилите и други земји го потпишаа Договорот за вселената, со кој се забрануваше оружје за масовно уништување во орбитата, иако текстот не содржи општа забрана за поставување конвенционално оружје во орбитата на Земјата.
Крајот на Студената војна во 1989 година донесе период на соработка – вклучително и склопувањето на Меѓународната вселенска станица во орбитата со учество на повеќе нации – но во 21-от век вселената постепено стана потенцијално бојно поле. Русија предизвика меѓународни критики во 2021 година кога уништи еден од своите неактивни сателити во орбитата, тестирајќи ракета земја-вселена наменета за уништување сателити. Експлозијата создаде илјадници парчиња вселенски отпад.
Бидејќи сателитите кружат околу Земјата со брзина од илјадници милји на час, постои страв дека еден судир во орбитата би можел да предизвика домино-ефект, при што просторот близу до Земјата би се преполнил со ситни метални парчиња што се движат со голема брзина.
Мекдауел истакна дека во САД се менува менталитетот насочен кон исклучиво мирнодопско користење на вселената.
„САД го гледаат конфликтот во вселената како нешто што е концептуално нормализирано, додека пред 20 години ставот беше: ’не, никогаш нема да сакаме да го правиме тоа‘“, рече тој.
„Мислам дека тоа е погрешно“, додаде тој. „Исто така, сметам дека сè уште не е доцна да се смени курсот. Да се соработува главно со Кина, бидејќи тие сега се вистинските конкуренти во вселената. Се надевам дека американскиот естаблишмент ќе направи чекор назад и ќе преиспита дел од ова.“ (Гардијан)