Руско беспилотно летало удрило во автомобил на екипажот на шведскиот канал ТВ4 во регионот Запорожје, пренесува „Украинска правда“.
Репортерот Јохан Фредриксон и фотографот Даниел Здолшек не се повредени во нападот.
Нападот се случил вчера околу 11:30 часот по локално време. Локалните медиуми посочуваат дека нападот бил извршен и покрај тоа што медиумските работници носеле елеци и шлемови со натписот „ПРЕС“.
Автомобилот бил погоден неколку моменти откако тие излегле од него.
– Овој пат имавме среќа. Рускиот дрон удри директно во задната врата од нашиот автомобил. За среќа, немаше никој во автомобилот – рекол Фредриксон.
Во нападот полесно е повреден украинскиот продуцент Олександр Павлов, а ранети се и двајца украински полицајци кои ја придружувале екипата на ТВ4.
Во нападот целосно се уништени автомобилот и опремата за снимање.
Во извештајот се наведува дека вработените во ТВ4 планирале да снимаат прилог за украинската контраофанзива. Патувањето во оваа област било планирано и организирано од локалната полиција.