Русија со повик за признавање на украинските сепаратистички републики
Повик од официјална Москва до останатите земји да го „следат“ примерот со признавањето на сепаратистичките републики во источна Украина, откако Путин вчера потпиша указ за нивна независност и нареди на руската армија да испрати таму војници како „мировни сили“.
„Русија ги повикува другите држави да го следат нејзиниот пример“ – се наведува во соопштението на руското МНР.
Во соопштението се додава дека признавањето на двете самопрогласени републики Доњецк и Луганск од страна на Москва, што е осудено од Западот, „не било лесно, но е единствениот можен чекор“.
„Одлуката е донесена земајќи ја предвид слободната волја на народот на Донбас, врз основа на одредбите од Повелбата на ОН, Декларацијата за принципите на меѓународното право за пријателски односи меѓу државите од 1970 година, Конечниот акт на ОБСЕ и други основни меѓународни документи“ – соопштуваат од руското МНР.