Речиси 9,5 милиони евра наплатени од патарини во првите три месеци од 2022

Точно 581 137 560 денари или околу 9,45 милиони евра изнесуваат приходите од наплатата на патарини на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во првиот квартал од годината (јануари, февруари и март 2022 година).

Тоа е 16,37 отсто од вкупно планираниот приход по тој основ за годинава.

Извештајот за финансиското работење на ЈПДП покажува дека во споредба со истиот период лани, оваа година приходот е поголем за 6,81 отсто односно за 37 070 841 денар или речиси 603 илјади евра.

Од наплатената акциза од нафтени деривати, пак, приходите од јануари до март изнесуваат 992 499 126 денари или околу 16 милиони евра. Тоа е 21,34 проценти од планираните приходни за годинава. Во споредба со лани, приходот по оваа ставка е зголемен за 50,54 отсто односно за 333.191.925 денари или 5,4 милиони евра.

Извештајот на ЈПДП покажува и дека приходите од употреба на јавните патишта за моторни и приклучни возила односно патната такса што се наплаќа при регистрација на возилата во првите три месеци биле 406 271 881 денар или 6,6 милиони евра. Тоа е над 19 отсто од планирате средства за оваа година врз основ на оваа такса.

Ако се споредат вкупните приходи од првиот квартал годинава со истиот период лани тие во 2022 се поголеми за 386 856 456 денари или речиси 6,3 милиони евра.