Реорганизација на администрацијата – помалку директори и членови на управни одбори

Спојување на неколку институции во една, трансфери на вработени и затворање на агенции, ова се дел од промените коишто ќе бидат преземени во рамки на реорганизација на администрацијата.

Реорганизацијата се прави во рамки на ИПА-проектот, финансиран и поддржан од Европската Унија, во кој учествува целата Влада, а целта е да се овозможи поекономично и поефикасно работење на администрацијата.

Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, најави дека неколку институции и агенции ќе бидат споени во едно, бидејќи експертите констатирале дека вршат иста работа, поради што нема потреба да постојат две или три како досега. Некои од агенциите ќе се затворат, односно ќе бидат трансферирани како сектор во некое друго министерство.

„Експертите констатираат дека не мора да има некоја агенција со седум члена на управен одбор и директор, односно само администрацијата е битна во таа агенција. Има и случаи каде, на пример во Министерството за информатичко општество и администрација, ќе креираме нова институција – дигитална агенција. Во оваа агенција ќе бидат префрлени дел од вработените во администрацијата. “, вели Алити.