Откако Северна Кореја објави дека американски шпионски авиони неодамна извршиле инвазија на нејзина територија, таа лансираше балистичка ракета со долг дострел. Светските медиуми јавуваат дека проектилот бил истрелан за време на состанокот на највисоките генерали на САД, Јапонија и Јужна Кореја.
Јужнокорејските власти соопштија дека Пјонгјанг истрелал уште една ракета со долг дострел во средата, која прелетала околу 1.000 километри пред да се урне во водата во близина на источниот брег.
Ракетата била испукана под висок агол, изјави воен претставник во Сеул.
Лансирањето дојде откако Пјонгјанг претходно оваа недела се закани дека ќе ги собори американските воени извидувачки авиони кои летаат над блиските води во Источното Море.
Ким Јо Јонг, висок севернокорејски функционер и сестра на врховниот лидер Ким Јонг Ун, рече дека американски шпионски авион во понеделникот влегол во економската зона на Северна Кореја најмалку осум пати, објави во вторникот севернокорејската национална новинска агенција КЦНА.