
„Правдата не е трговија“, „Вистина над лага, правда над измама“, „Правдата не е шведски стол“, се само дел пораките на денешниот протест пред Основниот суд во Тетово, каде се собраа граѓани и група активисти, барајќи да се судат и казнат вистинските виновници и политичари за трагедијата со модуларната болница.
Организаторите од иницијативата „Подобро за Тетово“ побараа политичка одговорност за тоа што никој не добил соодветни казни за трагедијата во Тетово и другите случаи каде граѓани ги загубиле животите.
– Ние денес се собравме пред Основниот суд во Тетово оти за 5 години во оваа држава имаме 4 трагедии и 97 починати луѓе, 97 жртви и 0 денови затвор за сите причинители на овие трагедии. Многу сме разочарани од судството на оваа држава, од правниот систем и затоа бараме корупцијата да ги тргне рацете од судството, за да можеме нормално да функционираме во оваа држава.
Ние видовме дека се прикриени важни докази и дека тоа се прави со години и затоа не е лесно на еден корумпиран состав на државници да се спротиставиме. Затоа ќе имаме еден долг и тежок период, но ќе се бориме до крај оти ако нема правда нема да има и мир во оваа држава.
Бараме Владата веднаш да го разреши Јавниот обвинител Јовески и тој заедно со другите обвинители инволвирани во оваа монструозно дело да одговараат кривично. Бараме да се судат и казнат вистинските виновници, вклучително и политичарите кои спротивно на законот го доделија тендерот за изградба на фирмата Брако. Нема правда, нема мир, изјави активистката Елмедина Абдулахи.
Собраните граѓани уште посочија дека „животите на граѓаните станаа заложници на пазарења и тендери без критериуми“, како и дека „се виде дека корупцијата убива“.
-Без да се среди судството во својата содржина држава нема да има во Македонија. Секој ден може да протестираме, но ова нека биде почеток цела Македонија да реагира. Се случило во Тетово, може да се случи секаде. Никого не го интересира што се случува со народот. А народот ги вработува тие горе. Апел до сите да се отрезнат. Оваа држава треба да се среди или ќе ја нема. Не ќе ја нема од нас, туку од тие што ја водат – изјави еден од учесниците на протестот.
Потестот започна точно на пладне, траеше околу половина час и заврши мирно. На влезот од судот оставени беа натписите и паролите преку кои се бара правда за изгорените луѓе во модуларната болница.
Инаку протестот следи по истражувањето на ИРЛ емитувано на МРТВ со наслов „Убиство во Тетово“.
Истражувањето на ИРЛ, меѓу другото открива пропусти во тендерската спецификација на Министерството за здравство, со кое не биле запазени безбедносните аспекти. Материјалите што биле вградени биле лесно запаливи, се вели во документарецот.
Во истражувањето беше обелоденет и извештајот на германското вештачење, во кој се лоцирани причините за брзото ширење на пожарот што придонесе да има голем број на жртви.