
„Уставниот суд е со четири судии помалку од предвиденото и оваа состојба трае повеќе од шест месеци. Со ваква ситуација Судот се соочува за првпат и со секој поминат ден граѓаните трпат штети, бидејќи нивни иницијативи и предмети се одложуваат, а Судот не може да одлучува“.
Ова денеска го изјави претседателката на Уставниот суд – Добрила Кацарска, по работниот состанок што го имаше со претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието – Талат Џафери.
Кацарска очекува поддршка и заложба за побрзо надминување на ситуацијата.
„Уставниот суд е независна институција и токму поради намерата да се заштити независноста и угледот на судот, неформални средби со политичари немаме и нема да има ниту во иднина. Затоа ќе ја информираме јавноста за секоја промена и сите апели и барања за поддршка. Овој проблем е на штета на граѓаните. Состојбата е проблематична и во очите на меѓународната заедница. Апелирам Уставот да се почитува. Важни прашања, како што се Указот за прогласувањето на Преспанскиот договор и Законот за јазиците нема да бидат ставени на дневен ред на седница се додека не се изберат сите девет судии во Уставниот суд“ – изјави Кацарска.
И Претседателот Пендаровски рече дека во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав, со целосен капацитет и во соодветни технички услови.