
Унгарскиот премиер, Петер Маѓар, денеска ќе се сретне со шаховската велемајсторка Јудит Полгар и ќе и предложи да ја преземе функцијата претседател на Унгарија.
Во објава на својот фејсбук-профил, Маѓар оцени дека името Полгар со децении е симбол на талент и истрајност и истакна дека би му претставувало чест доколку ја прифати кандидатурата.
Најавата доаѓа еден ден откако досегашниот претседател, Тамаш Шујок, потпиша уставни измени, усвоени со гласовите на владејачката партија ТИСА, со кои му престана мандатот.
Измените се дел од реформите на Маѓар насочени кон демонтирање на политичкото влијание на поранешниот премиер Виктор Орбан.
Маѓар изјави дека добил силен мандат за таквите промени со убедливата изборна победа во април, а Парламентот, во кој неговата партија има двотретинско мнозинство, ќе го избере новиот шеф на државата.
„На Унгарија и се потребни единство, мир и претседател со кој секој унгарски граѓанин ќе може да се гордее. Претседателската функција не е работа, туку највисока форма на служба кон државата и граѓаните“, порача Маѓар.
Тој потсети дека Полгар е најуспешната шахистка во историјата, која 26 години беше број еден на светската женска ранг-листа, а воедно се најде и меѓу десетте најдобри шахисти во светот во апсолутна конкуренција.
Полгар е петкратна олимписка шампионка во шах, меѓународен велемајстор и носител на унгарскиот Орден „Свети Стефан“, а нејзината кариера неодамна беше претставена во документарниот филм „Кралицата на шахот“.
Маѓар нагласи дека нејзиниот углед е изграден врз талентот, трудот, издржливоста и интегритетот, а не врз политички врски.