Премиерот на Јапонија: Азија утре би можела да ја доживее судбината на Украина

Азија „утре“ може да се претвори во Украина, предупреди јапонскиот премиер Фумио Кишида во Вашингтон на крајот од турнејата низ земјите од Групата седум индустриски најразвиени земји – Г7.

Кишида денеска изјави дека им пренел на лидерите на Г7, која ја сочинуваат САД, Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Канада и Јапонија, дека има безбедносна криза во Источна Азија.

Премиерот на Јапонија, чија земја претседава со Г7 оваа година, за една недела ги посети сите земји од групата освен Германија, поради проблеми со распоредот. Кишида рече дека наскоро има намера да ја посети таа земја.

„Лекцијата што треба да ја научиме од Украина е дека безбедноста на Европа и индо-пацифичкиот регион се неразделни“, им рече Кишида на новинарите, еден ден по средбата со американскиот претседател Џо Бајден.

Според него, ситуацијата околу Јапонија е се посериозна, бидејќи постои намера насилно да се промени „статус квото во Источното Кинеско Море и Јужното Кинеско Море“, алудирајќи на поморскиот спор меѓу Кина и земјите од регионот.

Кишида ги спомна и нуклеарните активности на Северна Кореја, како и тензиите околу Тајван.

Лидерите на Г7 ќе се сретнат во мај на нивниот годишен самит во Хирошима, каде што САД ја фрлија атомската бомба на 6 август 1945 година. Тоа беше првиот нуклеарен напад во историјата на човештвото.