Пратениците во Собранието расправаат за Предлог-буџетот на 2022. година

Продолжува 54. собраниска седница на која се расправа по дополнетиот предлог-буџет за 2022. година.

Вкупните приходи кои се планирани изнесуваат 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од 2021 година, а вкупните расходи се проектирани на ниво од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд годинава.

Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година.

За капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, што е за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека со предлог-буџетот за 2022 година се обезбедува непречено функционирање на функциите во државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив развој.

Согласно законот, предлог-буџетот треба да биде усвоен најдоцна до 31. декември годинава