Потрага по работници за изградба на Коридорите 8 и 10д, се нуди плата и до 70.000 денари
Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за вработување работници кои ќе работат на изградбата на четирите автопати на коридорите 8 и 10д.
Огласот е отворен до 25 април со договор до 22 јануари 2028 година. Работното време предвидува 40 часа неделно.
За помошник на главниот и одговорен координатор на проектот – градежен инженер се нуди плата од 70.052 денари со осумчасовно дневно работно време во прва смена.
За координатор на единицата за техничка изведба на проектот, кој треба да биде градежен инженер предвидена е плата од 65.029 денари.
Координаторот на единицата за подготовка на проектот ќе има месечна нето плата од 60.005 денари за, исто така, 40-часовна работна недела.
На огласот се бараат четворица специјалисти за експропријација на имот. Кандидатите треба да имаат завршено факултет од општествените науки. И за нив ќе важи истото работно време (40 часа), а ќе добиваат основна плата од 45.045 денари.
Се бара и по еден преведувач и по еден „известувач“ за проектот за плата од 45.045 денари.
Се бараат и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари. За истата плата се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование, пишува „Слободен печат“.
На огласот се отвораат и пет работни позиции за „специјалисти за инвестиции и градба на патишта“. Тоа би биле градежни инженери со тригодишно искуство за плата од 55.037 денари. За истата плата се бара и еден „урбанист“, еден геодет, како и двајца „специјалисти за подготовка, изработка и следење на проектна документација“. Оваа плата ќе ја добиваат и двајца што се разбираат во заштита на животната средина, еден електроинженер што се разбира во енергетски објекти и еден сообраќаен инженер.