„Пописот е голем сеалбански успех“

Писателката Катица Ќулавкова, која на својот Фејсбук-профил напиша ова е фарса од попис на населението во режија на парадржавата Северна Македонија

Академик Божин Павловски во изјавата за „МКД.мк“ вели дека никогаш порано дијаспората не била вклучувана во пописите на Република Македонија.

„Сега тоа беше спроведено со големо залагање на Али Ахмети, кој прво си обезбеди законска рамка. И кога дојде време за теренска активност, во кампањата покрај него учествуваа претседателот на Албанија, премиерот на Косово, главно со телевизиски пораки. Тие снимки и денес можете да ги најдете на Јутјуб. Сепак, главни во кампањата беа потпретседателот на владата Артан Груби, и министерот за надворешни Бујар Османи, кои лично посетија некои земји со поголема албанска дијаспора. Веројатно тие не престојуваа таму на личен трошок, туку на сметка на даночните обврзници. Според неколку соработници на Австралиско-македонскиот неделник на терен престојувале и бројни емисари со лаптопи во своите чанти. Целава оваа активност им вроди со голем успех. Али Ахмети не го крие своето задоволство.

Инаку, во државите како Австралија (која е по територија колку Европа) невозможен е ваков успех без силна и добро организирана кампања.

Се сеќавам на пресвртот што го изведоа нашите големи дејци пред околу 50 години. По цел месец патуваа со бродови и потоа држеа масовни собири, ги храбреа нашите иселеници да градат свои храмови, културни и социјални центри, држеа предавања за негување на јазикот, традициите. Како ретко која друга, македонската дијаспора во прекуокеанските земји успеа да се издигне меѓу најдобрите. И бројно не е мала. На официјалните пописи во Австралија се покажуваат околу 100 илјади Македонци. За жал, нив ги нема во пописот што го спроведе Република Македонија“ – изјавил академик Божин Павловски за порталот.

„МКД.мк“ го има и ставот на писателката Катица Ќулавкова, која на својот Фејсбук-профил напиша ова е фарса од попис на населението во режија на парадржавата Северна Македонија.

„Ова е политички, национален, законски и морален криминал без преседан во европската историја. Овој попис е уште еден показател дека се наоѓаме во завршна, терминална фаза од одумирањето на македонската национална држава и делегитимацијата на македонската нација. Ова е хаотичен, трагикомичен, противзаконски чин. Онеправдани се Македонците како народ, но и македонските Турци, Срби, Бошњаци, Власи, Роми… Ако се следи „патот на парите“ (т.е. патот на моќта и надмоќта), лесно е да се утврдат мотивите и креаторите на оваа фарса. Оние кои располагаат со резултатите од пописот од 2011 нека ги обелоденат јавно, па ќе се види, низ споредба, како е режиран овој варварски попис. Фактите од непризнатиот и осуетен попис од пред 10 години ќе го демистифицираат овој криминал, ќе покажат зошто се дава легитимитет на нелегитимните политики, зошто се навестува меѓународна поддршка на нешто кое треба да биде предмет на жестока критика и осуда. Под претекст на европски вредности во Македонија се спроведуваат неевропски политики. Не го признавам овој лажиран попис. Тој е само уште еден доказ дека во Македонија се води уникатна и немилосрдна хибридна војна“ – напиша Ќулавкова.