
Пет измени во резолуцијата на Европскиот парламент за Вуковар
Политичките групи во Европскиот парламент постигнале договор за заеднички текст на резолуцијата по повод 35-годишнината од разурнувањето на хрватскиот град Вуковар.
Политичките групи во Европскиот парламент постигнале договор за заеднички текст на резолуцијата по повод 35-годишнината од разурнувањето на хрватскиот град Вуковар.
Во предлогот, кој го иницираа хрватските европратеници, се внесени пет измени. Меѓу нив се споменувањето на извинувањето на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ при посетата на фармата Овчара, како и измена на формулацијата за одговорноста на политичките и на општествените актери во Србија.
Договорот го поддржале и либералите од групата Обнова на Европа, кои претходно предложија сопствен текст на резолуцијата. Така, Европскиот парламент в четврток во Стразбур ќе гласа за еден заеднички предлог, наместо за два одделни, пишува „Вечерњи лист“.
Во конечната верзија останува формулацијата за големосрпската агресија врз Хрватска за време на владеењето на Слободан Милошевиќ. Сепак, во резолуцијата сега се предвидува оддавање почит и на жртвите од другите војни што се водеа за време на насилното распаѓање на Југославија.
Втората измена се однесува на посетата на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ на Овчара во 2010 година. Тогаш, заедно со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, тој им оддаде почит на жртвите и се извини за злосторствата извршени таму. Во текстот се нагласува и потребата од помирување и од откривање на судбината на исчезнатите.
Третата измена се однесува на семејствата на исчезнатите, кои, без оглед на нивната националност, сè уште чекаат информации за тоа што се случило со нивните најблиски.
Со четвртата измена се менува начинот на кој се наведува одговорноста за поттикнување етнички тензии и омраза преку ултранационалистичка реторика и преку идејата за Голема Србија.
Петтата измена е само во формулацијата. Наместо „Територијална одбрана на Србија“, во резолуцијата ќе стои „српска Територијална одбрана“.
Со предлог-резолуцијата се бара Србија да ги отвори воените архиви, да ги достави информациите за локациите на масовните гробници, да соработува во гонењето на сторителите на воени злосторства и да донесе закон за исчезнатите луѓе.
Иницијативата има цел страдањето на Вуковар да стане дел од заедничкото европско историско сеќавање. Воедно, се нагласува потребата да се утврди одговорноста за воените злосторства и да се открие судбината на исчезнатите.
Резолуцијата нема правно обврзувачка сила. Тоа значи дека нејзиното усвојување нема автоматски да воведе нови услови што Србија ќе мора да ги исполни за да стане членка на Европската унија.