Петрова побарала „временска рамка“ до кога Македонија ќе го исполни условот од ЕУ

Условите за напредок на Македонија во ЕУ остануваат непроменети од 2022 година, порачала бугарската министерка

Министерката Велислава Петрова оствари средба со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Муцунски на маргините на Меѓународната конференција за Коридорот 8 во Софија.

-Министерката Петрова ја потврди поддршката на Бугарија за европската перспектива на Македонија, заснована на принципот на поединечни заслуги. Во тој контекст, таа побара информации за временската рамка во која Република Северна Македонија планира да ги исполни обврските утврдени во европскиот консензус од 2022 година – обврски неопходни за почеток на преговорите за пристапување на земјата во ЕУ.

Беше разгледан и случајот на Ива Михаилова, македонска државјанка со бугарска етничка припадност. Министерката Петрова ја поздрави согласноста на Скопје да им се дозволи на бугарски медицински експерти да се приклучат кон медицинската комисија што ја проценува здравствената состојба на Михаилова. Министерката Петрова го изрази очекувањето на бугарската страна на Ива Михаилова да ѝ се овозможи соодветен медицински третман.

Двете страни се согласија да одржуваат отворена комуникација за прашања од заеднички интерес на соодветните нивоа“, стои во соопштението на бугарското МНР.

Во изјава за новинарите Петрова оценила дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија -но условите за нејзиниот напредок остануваат непроменети од 2022 година.

„Одржавме конструктивна билатерална средба со министерот Муцунски. Таа беше побарана од Република Северна Македонија, а јас се согласив. Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, при што условите за тоа остануваат непроменети од 2022 година. Очекуваме да се спроведат и уставните измени и сите други елементи од постигнатиот консензус“, нагласи Петрова.

Таа изјави дека побарала од Муцунски да го претстави ставот на Скопје во однос на временската рамка за исполнување на преземените обврски.

„Нивниот став е дека треба да се изгради доверба. За мене, главниот начин за градење доверба е преку исполнување на обврските. Се надевам дека ќе видам позитивни чекори во таа насока“, рече министерката за надворешни работи.

Според неа, другите земји од Западен Балкан покажуваат политичка волја за напредок кон ЕУ, изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи и со Северна Македонија.

Во однос на барањата за гаранции од Северна Македонија, Петрова-Чамова посочи дека пристапниот процес кон Европската Унија е утврден со правила и критериуми и дека ниту една земја членка не може да гарантира какви било идни чекори во процесот.

„Ниту една земја членка не може да ѝ даде гаранции на која било друга земја кандидат за понатамошниот процес. Она што може да го даде е политичката подготвеност да се придржува до преземените обврски. Сметам дека Бугарија ја покажа таа подготвеност“, посочи бугарската министерка. Според неа, исполнувањето на обврските од 2022 година е најдиректниот и најгарантиран пат кон европската перспектива на Северна Македонија.

За враќањето на посмртните останки на цар Самуил, Петрова-Чамова рече дека тоа не било тема на разговор со Муцунски. Според неа, чинот претставува „голем триумф за Бугарија“ и има обединувачка функција. Посочи дека враќањето на посмртните останки не треба да се гледа во негативен контекст во однос на Северна Македонија, туку како нешто што може заеднички да ги ангажира двете страни. Сепак, нагласи дека фокусот треба да биде ставен на исполнувањето на преземените обврски со цел Северна Македонија да го искористи, како што кажа, очигледниот импулс за проширување што се гледа на европски ниво.

Извор: Независен.мк