Петков: Треба да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Република С. Македонија да преговара со ЕУ

„Посетата на премиерот Кирил Петков ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу Бугарија и Република Македонија и ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања“. Ова стои во соопштението од бугарското МНР со што се најавува посетата на премиерот на Бугарија на земјава за 18. јануари.

„Треба да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Република Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Македонија од овој процес, се цитира во соопштението од бугарското МНР изјавата на премиерот Петков. Според македонското МНР, посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата Влада на Република Македонија. -Со тоа, двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји“ – наведуваат од бугарското МНР.

Во фокусот на разговорите ќе бидат доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжувањето на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.

Француската амбасадорка во Бугарија, Флоренс Робин рече дека за нејзината земја прашањето за проширувањето на ЕУ со Македонија и Албанија е исклучително важно и како претседавач со ЕУ во првата половина на 2022 година Франција ќе понуди посредување за справување со спорот меѓу Софија и Скопје.

Граѓанското здружение за бугарско-македонско пријателство „Под едно небо“, заедно со Институтот за балкански перспективи, Бугарскиот културен клуб – Скопје и Бугарско-македонска стопанска комора вчера, упатија отворено писмо до премиерите на Бугарија и на Македонија, во кое ја поздравуваат желбата на двајцата премиери за промени и за искористување на следните месеци за постигнување позитивни резултати.