Пензионерите и Владата се договорија, ќе растат пензиите

Владата и Здруженијата на пензионери се договорија за менување на методологијата за усогласување на пензиите со цел да се изнајде модел кој ќе овозможи одржливо решение на долг рок. Власта посочува дека целта е да се создаде систем според кој пензионерите ќе имаат сигурност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од ничија политичка волја или од тоа дали ќе има избори.

Договорот беше постигнат вчера на средба со претставници на здруженијата на пензионери, кои се задоволни од почетокот на дијалогот. Моделот којшто го предложиле од пензионерските здруженија е тој да биде заснован на промена на животниот стандард и промена на просечните плати.

Следната средба е закажана за почетокот на март, а дотогаш Владата ќе ги направи потребните симулации за предлозите на пензионерите.

Фатмир Битиќи – вицепремиерот за економски прашања очекува решение да се најде максимум до 10 март, а, како што изјави ќе биде среќен тоа да се случи и многу порано.

„Мислам дека имаме согласност оти методолгијата за усогласување треба да се смени. Мислам дека на наредната средба ќе го имаме дефинирано моделот и ќе имаме заеднички став. Се радувам што и Сојузот на здруженија на пензионери и Партијата на пензионери беа солидарни кон различните категории на пензионери и добиваат различна висина на пензии. Зборувавме за различни модели кои ќе значат посолидарен начин на поддршка. Тоа што ни остана како Влада е во следниот период да направиме симулации и да видиме какви импликации ќе има тоа врз пензискиот фонд“ – изјави Битиќи.

Тој нагласи дека пензискиот фонд е стабилен и оти има зголемени приходи минатата година, а тенденцијата, како што рече, е тој тренд да продолжи.

Пензионерите се задоволни од исходот на денешниот состанок и се надеваат на решение кое ќе биде прифатливо за сите страни.

„Започна процесот на разговори за да се дојде до траен модел за усогласување на пензиите кој треба да се гледа и од аспект на пензионерот и од аспект на пензискиот систем. Треба да се изнајде законско решение кое ќе обезбеди сигурност на корисните на пензии, а истовремено ќе значи одржливо решение“ – рече претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери – Станка Трајковска.