Пендаровски од Пустец: Македонските деца да го знаат да го зборуваат македонскиот јазик

Денеска сум тука во ова училиште „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колефски“ за да дадам прилог, да донесам одредена количина книги на македонски јазик од нашите класици Блаже Конески, Петре. М Андреевски, Живко Чинго, и други. На тој начин сакаме да помогнеме македонските деца да го знаат да го зборуваат македонскиот јазик и така да бидат постојано во контакт со својата татковина“, изјави претседателот Стево Пендаровски по денешната посета на училиштето „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колефски“ во општина Пустец, Албанија, пренесува МКД.мк.

При работната посета на Македонците во Албанија, претседателот Пендаровски најави серија средби, во кои како што рече, ќе се потврди дека малцинствата кои живеат во други држави ги уживаат истите услови кои би ги имале во своите матични земји.

„Тоа значи она што го имаат Албанците во Македонија, да го имаат, и го имаат Македонците во Албанија. Република Северна Македонија и Република Албанија можат да бидат пример за сите во Европа“ изјави дециден беше Пендаровски.

Претседателот на Албанија Бајрам Бегај од друга страна посочи дека општината Пустец е позитивен пример за партнерските односи на двете земји.

„Се разбира дека македонското малцинство во општината Пустец и Албанците во Северна Македонија се многу важни за односите помеѓу двете земји. Албанците во Северна Македонија се многу добро интегрирани во општеството, придонесуваат во создавањето на државата и се активни и во политичкиот и економскиот живот“, рече Бегај.

Бегај оцени дека предизвиците и на двете земји се големи и дека треба и Македонија и Албанија со заедничка соработка да ги решат истите.

На работната средба во Албанија, претседателот Пендаровски е придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска.