Пендаровски: Демократијата мора да надвладее над автократијата

Не сум загрижен дека трансатлантското и паневропското единство и солидарност ќе го имаме и годинава, но се прашувам дали ќе се задржи и кога војната во Украина ќе заврши, а тоа е клучно за да надвладее демократијата над автократијата, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната панел сесија „Во одбрана на Европа“, што се одржува во рамките на Светскиот економски форум во Давос.

Затоа, според него, неопходно и клучно е кога ќе заврши војната во Украина да се задржи трансатлантската солидарност, бидејќи како што се гледа низ светот дури и кај некои од најголемите држави, во пораст се авторитарните тенденции.

– Ако демократиите не се држат и останат заедно, почитувајќи исти вредности и борејќи се за нив понекогаш и буквално, тогаш автократиите ќе превладеат. Видовме минатата година кога почна војната во Украина и претходно во Белорусија дека основната дилема и битка е меѓу демократијата или автократијата, односно диктатура како што е денес во Русија. Затоа мора да имаме целосно единство и солидарност и по војната во Украина. Тоа е неопходно за да имаме подобар свет, порача Пендаровски.

– Сакаме војната да заврши уште денеска, но логиката на државите и на националните интереси како што е веќе со векови, е првенствено да се грижите за сопствениот двор. Ако повторно им даваме приоритет на националните интереси на државите, тогаш ова единство и солидарност ќе го снема, рече Пендаровски.