Папата Франциск размислува да отпатува во Киев

Во дводневна посета на Малта е папата Франциск кој рече дека размислува за патување во главниот град на Украина – Киев.

За време на летот од Рим за Малта, новинарите го прашале дали ќе ја разгледа поканата на украинските политички и верски власти, тој одговорил потврдно, без да даде други детали за можната посета. Посетата на Малта, најмалата земја на ЕУ, е негово 36. патување во странство.

Во фокусот на неговата посета на католичката земја, меѓу другото, ќе биде и состојбата со мигрантите и бегалците сместени во добротворни установи, кои планира да ги посети за време на дводневниот престој.

Папата требаше да отпатува за Малта во мај 2020 година, но патувањето беше одложено поради пандемијата на коронавирус.