Пад на цените на нафтата

На светските пазари цените на нафтата паднаа минатата недела, по три последователни недели раст, бидејќи забавувањето на економскиот раст доведува до слабеење на побарувачката за енергетски производи. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 2,6 отсто, на 95,99 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 3,9 отсто, на 88,96 долари.

Падот на цените е последица на забавувањето на растот на економиите, бидејќи како резултат на тоа слабее и побарувачката за нафта. Минатата недела беше објавено дека залихите на нафта во САД пораснале за 3,9 милиони барели во претходната недела, достигнувајќи го највисокото ниво од јули 2021 година, а тоа укажува на слабеење на потрошувачката на гориво кај Американците.

Од друга страна, цените се поддржани од надежта на трговците дека побарувачката би можела донекаде да зајакне, по одлуката на кинеските власти да ги олеснат мерките насочени кон борба против Ковид-19. Олеснувањето на ограничувањата вклучува скратување на карантинот за блиски контакти на болните и странските посетители на два дена и укинување на казните за авиокомпаниите кои носат заразени патници.

„Првите мали чекори кон олеснување на регулативите објавени од кинеската влада овозможија раст на цените, иако според наше мислење тоа не претставува отстапување од строгата политика на нулта толеранција кон Ковид“, напишаа аналитичарите на Commerzbank во нивниот преглед на состојбата на пазарот.