Османи – Кулеба: Русија да ја прекине војната

Стоејќи тука, како претседавач со ОБСЕ, ја повикувам Руската Федерација да ја запре оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, да се обврзе на принципите и вредностите на ОБСЕ и да ѝ се вратат на дипломатијата. Човечките страдања мора да запрат, порача министерот Бујар Османи во улога на претседавач со ОБСЕ на денешната заедничка прес-конференција со својот украински колега Дмитро Кулеба.

Според Османи, јануарскиот извештај на високиот комесар за човекови права на ОН документира над 18 000 жртви од почетокот на агресијата. Вистинскиот број на загинати или повредени лица е веројатно поголем. Покрај тоа, додаде Османи, евидентирани се речиси осум милиони украински бегалци низ Европа.

„Речиси пет милиони се внатрешно раселени. Овие бројки се шокантни. Дури и да се работи само за еден изгубен живот или уништена иднина, тоа е превисока цена за плаќање. Оние што се одговорни за изложување на невини луѓе на застрашувачки дела, мора да одговараат“, нагласи Османи.

Османи ја повика Руската Федерација да ја прекине војната и повторно да се посвети на принципите на ОБСЕ, преку дипломатски пат да се решат сите предизвици. Претседавачот со Организацијата изрази солидарност и сочувство кон сите украински мажи и жени и истакна дека нивната смелост и храброст се за восхит.

„Ова не е првпат да ја посетам Украина од почетокот на агресијата. Се надевав дека агресијата ќе престане и дека страдањата ќе престанат, при мојата наредна посета на Украина во својство на претседавач со ОБСЕ. Секое повторно лично сведочење на уништени домови и уништени човечки судбини предизвикува вознемиреност“, изјави Османи.

Османи потенцира дека фокусот и главниот приоритет на Организацијата годинава ќе биде Украина.

„Украина ќе биде врвниот приоритет на нашето претседавање со ОБСЕ. Нема едноставно да го прифатиме она што се случува, туку ќе се вклучиме и ќе ги ставиме алатките на ОБСЕ на располагање за активно изнаоѓање мир. Како претседавач со ОБСЕ, Северна Македонија ќе биде чувар на принципите на ОБСЕ. Ќе ги поддржиме сите иницијативи кои ќе водат до правичен и одржлив мир обезбедувајќи го територијален интегритет и суверенитет на Украина во рамки на меѓународно признатите граници“, додаде претседавачот со ОБСЕ.

Османи изрази надеж дека годинава ќе сведочиме за враќањето на мирот во Украина.

„Откако ќе се врати мирот и Русија ќе ги повлече своите сили од суверена територија на Украина, ОБСЕ ќе го понуди својот инструментариум на алатки за да ѝ помогне на Украина да се опорави од штетите од оваа војна. ОБСЕ, за време на војната, помага преку Програмата за поддршка на Украина финансирана од донатори, но ќе направи уште повеќе кога ќе настапи мирот. Се надевам и верувам дека ќе бидам сведок на почетокот на мирот и закрепнувањето за време на нашето претседавање. Ние сме цврсто решени целосно да се ангажираме за да се случи токму тоа“, истакна Османи.