Олигархот Олександр Онишченко во Шпанија посакал македонско државјанство, а контакт со Коњичката федерација му бил Лука Заложник

Јавачот Лука Заложник, натурализиран Македонец со словенечко потекло тврди дека уште еден Русин и Белгиец чекаат македонски пасоши за да може заедно да настапуваат на Олимпијада.

Јавачот Лука Заложник, натурализиран Македонец со словенечко потекло е човекот кој му бил контакт на избеганиот Украинец со руски пасош Олександр Онишченко со македонската коњичка федерација. Заложник за „Слободен печат“ тврди, дека додека биле заедно со Онишченко во Шпанија, самиот милијардер му кажал дека сака македонско државјанство, зашто оценил дека така би имал најдобри шанси да освои медал на Олимпијада.

Според Заложник, уште еден Русин и уште еден човек од Белгија, чекаат да добијат македонски пасош за да може заеднички да настапуваат на Олимпијадата. Меѓутоа, Заложник вели дека е загрижен дека ваквите планови ќе наидат на пречки, поради актуелниот скандал со Онишченко и дека пасошите нема да се изготват, па и неговиот ангажман за Олимпијадата ќе пропадне и ќе мора индивидуално да се квалификува.

Тој во телефонскиот разговор со „Слободен печат“ додаде дека вчера во Дубаи каде што е тренер за Емиратите, се видел со Онишченко, кој таму бил на одмор.