Од почетокот на годинава се забележани над 150 компјутерски инциденти, од кои 12 се сериозни со барање откуп – вели директорот на АЕК

Од почетокот на годинава се забележани над 150 компјутерски инциденти, од кои 12 се сериозни со барање откуп, вели директорот на Агенцијата за електронски комуникации Јетон Акику за Радио Слободна Европа. Тој признава дека по хакерскиот напад во април им бил побаран откуп, не го платиле, но тврди дека проблем брзо го решиле.

На прашање колку хакерски напади се пријавени годинава во Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти, Акику вели:

„Најголем број досега за една година е 155 пријави од кои што само 12 се сериозни инциденти, другите се пријави за малициозни меилови и спамови. Значи пријавени се 12 посериозни инциденти се пријавени до сега и таа бројка не е реална поради тоа што по закон за државни и приватни институции не е задолжително да пријават. Со тоа што не е задолжително да пријават, дел од нив и не пријавуваат. Затоа и не е реална таа слика, причината е само тоа што во законот не е наведено дека задолжително треба да пријават“.

Акику на прашање зошто со денови не можеа да се вратат во нормала Министерството за финансии, Фондот за здравство, Биро за јавни набавки – институции со сериозни дата бази на осетливи информации кои беа хакирани рече „официјално што се случило, треба да кажат самите институции. Ако тие не излезат да кажат дека имаат ваков или таков напад, ние како ЦИРТ не можеме да излеземе со такви информации. Она што имаме ние како информации за нападите во Македонија, освен во комерцијалниот дел каде што се бараат пари (како откуп) за нападот, има и политички мотивирани напади и тие се зачестени откако ние станавме членка на НАТО“.

Тој тврди дека нападите се во најголем дел од надвор.

„Надворешни се нападите во голем дел. Руски, кинески, ирански. Светот на сајбер безбедноста е многу интересен, се користат ВПН адреси каде што реално не можеш ни точно да дознаеш од каде доаѓаат, но тоа што имаме ние како информации од сите ЦИРТ-тови од западниот свет дека голем дел од нападите се руски, кинески или ирански“ вели тој.