Новинарските здруженија со реакција : Ја загрозувате безбедноста на новинарите и поттикнувате цензура

Ако политичарите,јавните функционери сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела,односно советот при ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија порачува ЗНМ.
Постапката на премиерот Димитар Ковачевски да етикетира медиуми е крајно непрофесионална и неприфатлива, а исто така може да ја загрози безбедноста на новинарите и на медиумските работници и со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст, оценува Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), откако премиерот денеска си дозволи да ја коментира работата на медиумските куќи.
„Праксата на непримерна комуникација за работата на медиумите продолжува и од претедателот на Владата. На новинарско прашање дали премиерот Ковачевски ќе се огради од лидерот на ДУИ Али Ахмети во контекст на изјавата дека етикетира медиуми, Ковачевски рече: ‘Верувам дека господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на факти и за објаснување ќе треба да го прашате него. Бидејќи и за медиумите и јас имам мое лично мислење, јас можам да дадам мое лично мислење како некои медиуми се однесуваат. Што се однесува до мене, можам да кажам дека во државата има медиуми чија што уредувачка политика личи на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чија што уредувачка политика личи на партиски сектор за комуникација’.
Доколку политичарите, јавните функционери сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела, односно Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија. Ваков наратив инициран од страна на премиерот претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од јавен интерес“, наведува ЗНМ во соопштението.
Ваков однос од страна на премиерот Ковачевски, посочено е таму, во најмала рака е непрофесионален и крајно неприфатлив од причина што денеска реагиравме за скандалозната изјава кон медиумите на неговиот коалициски партнер Ахмети.
„Ваквата пракса на непримерна комуникација може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Потсетуваме дека јавните функционери и останатите претставници на Владата треба да имаат повисок степен на толеранција кога имаат јавна критика за нивната работа, а при тоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија“, реагира ЗНМ.
Реагираше и  Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од каде што остро реагираат на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски со која тој се впушти во квалификација и ревидирање на уредувачката политика на одредени медиуми.„Сметаме дека државните функционери, особено кога се работи за најмоќната државна позиција, мораат да внимаваат на искажаниот збор бидејќи, вперувањето со прст од различни причини кон одредени медиуми ги става во незавидна позиција медиумските професионалци, кои потоа се цел на разни напади, говор на омраза и слично. Ваквото етикетирање на медиумите претставува и напад врз слободата на изразување и слободата на медиумите, односно врз новинарите и медиумските работници, што не смее да се случува во едно демократско општество. Предочуваме, дека јавноста односно граѓаните не смее никој да ги потценува и тие се оние кои го носат крајниот суд за тоа дали одреден медиум си ја врши добро или не работата која е од јавен интерес“, се вели во реакцијата на ССНМ.
И Македонската асоцијација на новинари (МАН) остро ги осудува изјавите на премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ДУИ Али Ахмети насочени кон загрозување на уставно гарантираната слобода на известување на сите медиуми, а во случајот кон телевизиите Телма и Алфа.„Оваа власт континуирано врши притисоци против сите независни професионални новинари и медиуми кои не се под контрола на власта. Понекогаш тоа го прават лично, преку партиски војници, а најмногу преку механизмите на власт и преку правосудниот систем. Затоа и не се изненадување последните јавни притисоци, тие се дел од континуиран процес за воведување цензура и едноумие во државата. Преку ваквиот процес, освен што се загрозува слободата на информирање, се загрозува и физичката безбедност на новинарите и се први обид да се загрози финансиската егзистенција на медиумите. Да потсетиме, притисоците на власта го качија црниот резултат на судски прогони против независните медиуми и новинарите од 24% во 2016 на фантастични 68% во 2022 година. Ги повикуваме сите новинари и медиуми да не потклекнуваат на вакви притисоци и да продолжат, согласно својата уредувачка политика да известуваат независно и професионално. На сите новинари и медиуми на кои им е потребна правна помош, МАН им стои на располагање со своите експертски тимови. Македонската асоцијација на новинари (МАН) во текот на следните денови, во координација со своите членови ќе излезе со официјални чекори кои ќе бидат преземени во најкус можен рок за да се стави крај на ваквата пракса на власта“, соопшти МАН.