Новата претседателка на Словенија: „Прво ќе го посетам Западен Балкан“

Новата претседателка на Словенија, Наташа Пирц Мусар денеска изјави дека за првото патување во странство ќе ги избере земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека е особено загрижена за односите меѓу Белград и Приштина.

Пирц Мусар за „Радио Словенија“ изјави дека нејзиниот прв избор ќе биде да ја посети Германија, главниот трговски партнер на Словенија, но дека неодамнешните настани на Западен Балкан ја натерале да се премисли.

Претседателката, во првото големо интервју по изборите, рече дека ја смета Словенија за „прозорец и врата кон ЕУ за регионот на Западен Балкан“, објави СТА.

Пирц Мусар истакна дека како претседател ќе се изјасни секогаш кога ќе оцени дека е потребно, но дека нема постојано да се меша во дневната политика. Новата словенечка претседателка рече дека ќе има советник за климатски промени, најмногу поради тоа што ова прашање го покренаа младите за време на нејзината изборна кампања.

Пирц Мусар истакна дека има намера да се повлече од позицијата директор на својата адвокатска канцеларија пред инаугурацијата. Таа утре ќе ја одржи првата неформална средба со претседателот во заминување Борут Пахор, а за десет дена ќе бидат објавени официјалните резултати од изборите.

Пирц Мусар е првата жена на претседателската функција во Словенија.