„Нема попуст“: Марта Кос ја отфрли идејата на Вучиќ и Рама за делумно членство во ЕУ

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека е критична кон идејата на Србија и Албанија да им се дозволи да станат членки на единствениот европски пазар и Шенген зоната, нагласувајќи дека нема „лесно“ или делумно членство, туку само полноправно членство во ЕУ откако ќе бидат исполнети сите обврски.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека е критична кон идејата на Србија и Албанија да им се дозволи да станат членки на единствениот европски пазар и Шенген зоната, нагласувајќи дека нема „лесно“ или делумно членство, туку само полноправно членство во ЕУ откако ќе бидат исполнети сите обврски.

Во врска со иницијативата што српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама ја презентираа во заедничка статија за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Кос рече дека „двајцата политичари веројатно знаат дека за членство во единствениот пазар и Шенген зоната треба да се исполни многу во областа на владеењето на правото“.

„Значи, нема попуст“, рече Кос, одговарајќи на прашања по предавањето што го одржа на Универзитетот во Фрибург во Швајцарија на 30 април.

Таа додаде дека во ЕУ се води дебата за тоа дали сегашната методологија на проширување е соодветна за сегашното време и дали се можни некои специфични аранжмани и постепена интеграција, но дека нејзината улога како комесар за проширување е да ги подготви земјите да станат полноправни членки.

„Значи, нема ‘лесно’ членство, нема делумно членство, има само полноправно членство или ништо. И можете да станете член, ако исполните сè“, нагласи таа.

„Србија назадува во многу области“

Кога беше прашана како политичката криза во Србија влијае на процесот на пристапување, Кос рече дека Србија назадува во многу области.

„Србија денес е многу поларизирана. Таа е кандидат за членство во Европската унија повеќе од 10 години. За жал, видовме, гледаме дека назадува, особено кога станува збор за вредностите за кои зборував претходно – владеењето на правото, демократијата, слободата на говорот и, особено, слободата на медиумите. Србија има иднина во Европската унија, но курсот мора да се промени или посилно да се изрази во постапките на политичарите“, изјави таа.

Кос додаде дека геополитичката ориентација е исто така проблем.

„Имаме правило дека една земја, пред да стане членка на ЕУ, мора да биде 100 проценти усогласена со надворешната и безбедносна политика на ЕУ. Ова значи дека не можете да седите на две столчиња. Србија во одреден момент ќе мора да одлучи што е најважно за развојот“, рече таа. Кос нагласи дека ЕУ сака да помогне, но дека и Србија ќе мора да преземе мерки.