Времето тече – дали опозицијата ќе ги обезбеди гласовите за уривање Влада?

Неколкупати денеска со паузи се прекинува собраниската седница за гласање доверба на Владата.

Првиот пат паузата беше на барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а вториот пат Димитар Апасиев од Левица побара, повикувајќи се на член на Деловникот, претседателот на Собранието Талат Џафери да дојде во салата и да ја води седницата.

„Согласно овој член став 1 алинеа 2 претседателот на Собранието ги свикува седниците и претседава со нив, и тоа е ставено како право и должност на претседателот. Додека во делот на членот 61 вели дека потпретседателите, тоа сте вие и господинот Мисовски, кој е отсутен му помогаат на претседателот на Собранието и вршат други работи од неговиот делокруг. Ставот 3 вели дека во случај на спреченост или отсуство на претседателот на Собранието, го заменува еден од потпретседателите според однапред утврден редослед при што ќе се води сметка за подеднакво вклучување на потпретседателите“ рече Апасиев.

Претходно, заменик-координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска побара пауза откако стана јасно дека опозицијата нема кворум за официјално отпочнување на седницата.

Владеачките партии не се појавија на седницата, а мнозинство за изгласување недоверба во последен момент остана без Кастриот Реџепи од БЕСА, кој иако потпишан на иницијативата, не дојде на седницата. Реџепи со статус на ФБ се јави и рече дека се одлучил на овој чекор затоа што има информации дека земјава во декември ќе ги започне преговорите за влез во ЕУ.

Колегите на Реџепи од БЕСА – Арјанит Хоџа и лидерот Билал Касами велат сепак дека борбата продолжува.

„Заканата, уцената или другите форми на влијание се показател за инсталирање режим кој е ставен над волјата на народот. И покрај се, Движењето БЕСА ја продолжува војната. Одиме по нашиот свет пат за да го победиме злото“ напишува Хоџа.