На изборите во Словенија избрани градоначалници на 167 општини, 45 одат во втор круг

На локалните избори што се одржаа вчера во Словенија, според прелиминарните резултати врз основа на речиси 100 проценти преброени гласови, во првиот круг се избрани градоначалници во 167 од вкупно 212 општини, додека во 45 општини и градови, меѓу кои и Љубљана и Марибор, ќе се одржи втор круг во кој ќе учествуваат по двајца кандидати кои освоиле најмногу гласови.

Во Љубљана во вториот круг од локалните избори, на 29 ноември, ќе учествуваат долгогодишниот градоначалник на градот, Зоран Јанковиќ, кој настапи на изборите со својата независна Листа на Зоран Јанковиќ, и кандидатот на партијата Левица, Лука Месец, пренесува РТВ Словенија.

Според последните податоци, излезноста на гласачите на вчерашните локални избори изнесувала 53,96 проценти.

Покрај во Марибор, раководството сигурно ќе се промени во 34 општини во кои претходните градоначалници не се кандидираа за реизбор. Во Цеље, Ново Место, Велење, Словењ Градец, Кршко и Мурска Собота актуелните градоначалници остануваат на функцијата, додека во Љубљана, Марибор, Нова Горица, Копер, Крањ и Птуј ќе биде потребен втор круг избори.

Според прелиминарните резултати врз основа на 97,95 проценти преброени гласови, на локалните избори во Љубљана Зоран Јанковиќ освоил 34,89 проценти од гласовите, а Лука Месец 25,73 проценти, додека на изборите за градоначалник на главниот град на Словенија учествувале 15 кандидати.

Во Марибор, врз основа на 99,95 проценти преброени гласови, кандидатот на коалицијата составена од Социјалдемократите (СД), Левица и Листата на велосипедисти и пешаци, Матевж Франгеж, освоил 28,17 проценти од гласовите на избирачите, а независниот кандидат Бор Грајнер 22,89 проценти.