Најмалку шест лица загинаа, а 53 се ранети во експлозија на историската улица Истиклал во Истанбул, според претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Експлозијата се случи околу 16:20 часот по локално време во областа Бејоглу. Врз основа на првичните информации од гувернерот на Истанбул Али Јерликаја, Ердоган рече дека експлозијата може да е терористички акт.
„Турција нема да потклекне пред тероризмот. Ќе ги идентификуваме сите одговорни за нападот“, рече Ердоган. „Нашата нација треба да биде сигурна дека сторителите на инцидентот на улицата Истиклал ќе бидат казнети како што заслужуваат“, додаде тој.
Претходно, Јерликаја на Твитер соопшти дека во моментов се лекуваат ранетите.
Главното јавно обвинителство во Истанбул започна истрага за експлозијата. Назначени се пет јавни обвинители. Кривичниот суд на Истанбул забрани емитување на сите визуелни и аудио вести и социјални мрежи поврзани со експлозијата. Станува збор за една од најфреквентните улици во областа Бејоглу на кои има многу продавници, на која во 2016 години имаше напад на бомбаш самоубиец.
Турција беше погодена од низа смртоносни бомбашки напади меѓу 2015 и 2017 од групата Исламска држава и забранетите курдски групи.