Најмалку 1.100 луѓе се уште се водат како исчезнати по пожарите на Хаваите

Најмалку 1.100 луѓе се уште се водат како исчезнати две недели откако смртоносните пожари го опустошија хавајскиот остров Мауи, соопштија властите, а ФБИ побара помош од членовите на семејството за идентификација на останките на загинатите.

Пожарите беа најсмртоносните што ги погодија Соединетите држави во еден век, однесоа најмалку 115 животи, според најновиот привремен биланс на загинати.

Туристичкиот град Лахаина, дом на 12.000 луѓе, е целосно избришан од мапата, а илјадници исчезнати лица се појавуваат на списоците што ги одржуваат различни организации, вклучително и полицијата, Црвениот крст и прифатилиштата.

Федералното истражно биро (ФБИ) сега работи на собирање и потврдување на податоците, изјави за новинарите специјалниот агент Стивен Мерил.

„Ги вкрстуваме сите списоци за да можеме да утврдиме кој навистина недостасува“, рече Мерил.

Од вторникот, ФБИ изброи 1.100 исчезнати лица, додаде тој, а бројот веројатно ќе се зголеми.