Националниот џез оркестар ќе настапи со Курт Елинг на престижниот фестивал Guimarães Jazz во Португалија

Националниот џез оркестар на Република Северна Македонија денеска ќе настапи на завршната вечер на 35. издание на фестивалот Guimarães Jazz во Португалија, еден од најзначајните џез-фестивали во Европа.

Националниот џез оркестар на Република Северна Македонија денеска ќе настапи на завршната вечер на 35. издание на фестивалот Guimarães Jazz во Португалија, еден од најзначајните џез-фестивали во Европа.

Концертот ќе се одржи во Centro Cultural Vila Flor во Гимараеш, каде оркестарот ќе настапи заедно со американскиот џез-вокалист Курт Елинг, под диригентска палка на Џијан Емин.

Според организаторите, настапот ќе претставува спој на препознатливиот вокален израз на Елинг и оркестарскиот звук на Националниот џез оркестар на главната фестивалска сцена.

Курт Елинг важи за едно од најзначајните имиња на современата џез-сцена, со кариера долга повеќе од три децении. Во текот на својата кариера соработувал со бројни светски џез-музичари, меѓу кои Бранфорд Марсалис и Данило Перез, а настапувал и со реномирани оркестри, вклучително и Њујоршката филхармонија. Добитник е на две награди „Греми“ за најдобар џез-вокален албум.

Од Националниот џез оркестар посочуваат дека со овој настап продолжуваат да ја претставуваат македонската џез-сцена на европските музички фестивали и сцени, рамо до рамо со врвни светски уметници.