НАСА планира утре да лансира ракета кон Месечината, одбројувањето веќе започна

После два неуспешни обиди, НАСА планира да ја лансира својата нова ракета од Кејп Канаверал на Флорида до Месечината утре рано наутро, помалку од една недела откако џиновската машина ги издржа налетите на моќниот ураган.

„Изгледа дека дојде нашето време. Се надеваме дека ќе биде среда“, рече Мајк Сарафин, менаџер на одложената мисија Артемида 1 во седиштето на НАСА.

Мисијата Артемида 1, шестнеделен пробен лет без астронаути, е првиот чекор во плановите на американската вселенска агенција да воспостави долгорочна лунарна колонија на Месечината, како отскочна даска за уште поамбициозни идни патувања со екипаж на Марс.

Тоа е првиот пробен лет на огромната двостепена ракета „Space Launch System (SLS)“ и нејзината беспилотна капсула Орион. Иако на бродот нема да има луѓе, Орион ќе носи симулиран екипаж од тројца – една машка и две женски кукли – опремени со сензори за мерење на нивото на радијација и други стресови што би ги доживеале астронаутите.

Наведена како најмоќната и најсложена ракета во светот, „SLS“ го претставува најголемиот нов систем за вертикално лансирање изграден од американската вселенска агенција откако Сатурн V полета на Месечината за време на програмата Аполо во 1960-тите и 1970-тите.