МПЦ на средба со промоторот на руската „света војна“ во Украина

Рускиот патријарх Кирил се сретнал со македонската црковна делегација, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, во чиј состав бил и епископот Хераклејски Климент, пренесува „Религија“.

Рускиот патријарх Кирил се сретнал со македонската црковна делегација, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, во чиј состав бил и епископот Хераклејски Климент, пренесува „Религија“.

Средбата се одржала на 21 ноември во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир во Москва, за време на посетата на македонските архиереи по повод 80-тиот роденден на рускиот патријарх.

Обраќајќи им се на гостите, Кирил ја истакнал словенската и духовната блискост меѓу двете цркви, но и фактот дека ова е прва посета на македонски претставници во својство на делегати на Црква со призната автокефалност.

„Многу нешта нè поврзуваат, веќе затоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и го разбираме јазикот едни на други. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да служиме богослужби“, рекол Кирил.

Тој посебно нагласил дека оваа средба има историско значење.

„Нашата денешна средба е посебна: за првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна црква која доби законска автокефалија“, изјавил рускиот патријарх.

Според соопштението на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, Кирил оценил дека односите меѓу Московската патријаршија и Македонската православна црква – Охридска архиепископија активно се развиваат. Како пример ги посочил македонските студенти кои се образуваат во духовните училишта на Руската православна црква, како и разговорите за реализација на заеднички проекти.

Митрополитот Георгиј, од своја страна, истакнал дека македонската делегација во Москва престојува како пратеник на архиепископот охридски и македонски Стефан, со задача да ги пренесе неговите честитки и желби по повод роденденот на Кирил.

Во разговорот тој изразил благодарност за поддршката што Московската патријаршија ја дала во процесот на решавање на статусот на Македонската православна црква и доделувањето на автокефалноста од Српската православна црква.

Македонската делегација на Кирил му подарила икона на светите рамноапостолни Кирил и Климент Охридски.

Рускиот патријарх, пак, испратил подарок за архиепископот Стефан – комплет од две панагии и напрсен крст, а на митрополитот Георгиј и епископот Климент им подарил панагии.

Средбата е дел од серијата билатерални разговори што Кирил ги одржа со претставници на помесните православни цркви за време на одбележувањето на неговиот 80-ти роденден во Москва.

Патријархот Кирил е поглавар на Руската православна црква од 2009 година и е една од највлијателните религиски личности во современа Русија. Често се појавува во јавноста и има значително влијание врз религиските и општествените политики во Русија, а последните години стана силен поддржувач на политиката на претседателот Владимир Путин и на војната против Украина. Некои православни заедници надвор од Русија го гледаат неговото влијание како премногу политизирано.

Тој е обвинет дека ја оправдува руската воена агресија и ја нарекува „света војна“ поради што Украинската православна црква прогласи самостојност и дури го обвини за „антицрковни и еретички активности“.ЕУ предложи санкции против патријарх Кирил поради неговата улога во оправдувањето на војната, оценувајќи дека тој „конзистентно ја поддржува агресијата“. ЕУ предложи санкции против патријархот Кирил поради неговата улога во оправдувањето на војната, оценувајќи дека тој „конзистентно ја поддржува агресијата“ и , иако првично беше вклучен во санкцискиот пакет, подоцна беше отстранет поради противење од неколку земји членки, меѓу кои и Бугарија и Италија . Ваквите активности на Кирил очигледно наидуваат на разбирање во МПЦ.