Мицкоски: Суштина ни треба, а не претстава во односите со Бугарија

„Мојот впечаток е дека сето ова изгледа малку покултурно од тоа што беше за јавноста, но суштината е иста, дека секогаш кога ќе треба од страна на бугарската влада да се направи било каков чекор напред повторно ќе има изговори. Секогаш ќе има изговор само да не се направи чекор напред во насока на градење на довербата“. Ова вечерва на ТВ Сител го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Инаку сето ова како претстава пред завесата делува интересно посебно за дипломатите од ЕУ, посебно за дипломатите кои се во земјава, но без суштина. Нас ни треба суштина. Суштината е дека ние изгубивме неколку преговарачки позиции“ – рече Мицкоски.

За позициите на екс-вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, Мицкоски со став:

„Кога требаше да биде гласен молчеше, а сега кога треба да молчи е многу гласен. Јас би рекол дека тој се согласува со моите позиции, многу пред него го зборував тоа, за жал тој кога требаше да биде гласен молчеше, а сега кога треба да молчи е многу гласен, бидејќи најверојатно има некои други причини за тоа. Но, никогаш не е доцна“ – рече Мицкоски.

Првиот човек во опозициската ВМРО-ДПМНЕ не откри за што разговарале со премиерот Кирил Петков, но посочи дека на средбата биле кажани многу работи.

„Имам чувство дека сето ова се случува со многу парада, но без суштина. Мислам дека секогаш од сега па натаму дека кога нешто ќе побараме од бугарската влада да направи во насока на градење на доверба секогаш ќе наидуваме на две пречки – првата е имаме мултипартитна коалиција која што секој момент може да се распадне и втората дека било кој после нас ќе биде потврд во прашањето. На крајот на денот резултатот е ист. Ние сепак сме се уште во ходниот и не сме на столчето кое одамна го заслуживме,  едноставно направивме многу работи за нашите соседи и за Европа и го заслуживме тоа место на тоа столче“ – нагласи Мицкоски.