Мицкоски не дојде на суд да се соочи со Ристоска

Премиерот Христијан Мицкоски не дојде во Граѓанскиот суд да се соочи со поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска, иако добил уредна покана. Ристоска поднесе тужба за навреда и клевета против ВМРО-ДПМНЕ за низата соопштенија што ги објавуваше партијата откако им го замрзна имотот.

Премиерот Христијан Мицкоски не дојде во Граѓанскиот суд да се соочи со поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска, иако добил уредна покана. Ристоска поднесе тужба за навреда и клевета против ВМРО-ДПМНЕ за низата соопштенија што ги објавуваше партијата откако им го замрзна имотот.

-Имаше повеќе месеци во кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ можеше да го усогласи својот распоред. Сметам дека неговото недоаѓање, пред сè, претставува непочитување на судот. Од моето искуство како јавна обвинителка, можам да кажам дека тоа не ме изненадува, бидејќи сум имала ситуации во кои и други високо профилирани личности избегнувале да дојдат и се криеле во моментите кога требало да преземат одговорност за своето однесување – рече Ристоска по рочиштето.

Иако Мицкоски не дојде, Ристоска беше сослушана во својство на странка. Пред Судот таа детално објасни зошто точно се почувствувала навредена и наклеветена од соопштенијата на владејачката партија. Првото соопштение на партијата во кое таа била лично спомената било објавено на 14 октомври минатата година во моментот кога како обвинител ги водеше предметите „Талир“, во кои беше обвинета партијата, односно во едниот предмет беше обвинета, а во другиот предмет беше заинтересирано правно лице, но нејзиниот имот беше замрзнат.

-Во двата предмета постапките беа во завршна фаза. Сите докази на Јавното обвинителство беа изведени, а во едниот предмет се наближуваше и крајот на судската постапка. Во истиот период, за првпат по подолго време, ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање за одмрзнување на имотот. Како јавна обвинителка се произнесов по барањето и предложив судот да го одбие. Токму на денот кога беше објавено соопштението, судот ја донесе одлуката и го прифати предлогот на Обвинителството. Затоа сметам дека соопштението беше објавено во специфичен момент – го објасни Ристоска клучниот момент кога почнале навредливите соопштенија, по што следувале уште петнаесетина други во кои била таргетирана.

Соопштението, чиј почеток беше „Каков крај“, го доживеала како порака за крај на кариерата, а додека сведочеше за овој дел од соопштението се расплака, особено затоа што партијата во соопштението ја опиша како обвинител без срам, човек кој го симболизирал моралниот пад на Обвинителството.

-Изразите „тажен симбол на неправда“, „отсуството на срам е одлика на вакви луѓе“ и квалификацијата дека јас го симболизирам моралниот пад на Обвинителството ги доживеав како навредливи и особено понижувачки. Како јавна обвинителка, една од премиумите во моето работење секогаш ми била правдата. Тоа што ме прикажуваат како олицетворение на неправдата го доживувам како особено навредливо. Срамот е морална категорија, па со самата изјава тужениот, всушност, ме става во категорија на лица без морал. Во третата изјава целиот морален пад на Обвинителството ми се припишува токму мене. Сметам дека овие квалификации претставуваат понижување и навреда. Сите овие наводи за мене се навредливи и имаат лична, но и професионална димензија, бидејќи се косат со вредностите врз кои треба да се темели работата на јавниот обвинител: интегритет, чесност и заштита на јавниот интерес. Овие вредносни судови се заклучоци што тужениот ги изведува врз основа на лагите и невистините што ги пласира во соопштението. Не ги доживувам како критика на мојата работа, туку како силен притисок. Особено ме вознемири почетокот на соопштението со зборовите „Каков крај“. Тоа го доживеав како закана за крајот на мојата кариера.

Секој професионалец би го доживеал тоа како вознемирувачко, особено кога доаѓа од партија на власт која, од мој аспект, е странка во предмети во кои сум постапувала и има интерес од тие постапки – рече Ристоска.

За неа клеветнички се и тврдењата на партијата што ја поврзувале со политичари како поранешниот премиер Зоран Заев и Артан Груби, дека земала високи бонуси, користела службени картички и соработувала со лица од подземјето, иако трпела критики и додека на власт биле СДСМ и ДУИ.

– Никогаш во мојата кариера како јавна обвинителка, ниту во СЈО ниту потоа, не сум користела службена картичка, ниту сум била задолжена со таква картичка. Моите примања се однесуваа на плата, додатоци и надоместоци предвидени со закон, кои во СЈО се исплаќаа со одобрение од Министерството за финансии. Тие беа пријавувани во Државната комисија за спречување на корупцијата и во Управата за јавни приходи. За нивните износи лично зборував и на прес-конференција.

Крајно неточни се тврдењата дека сум направила партиска испостава на СДСМ и ДУИ која соработувала со луѓе од другата страна на законот. Бев предмет на напади и критики и во времето кога СДСМ и ДУИ беа на власт. Моето професионално однесување не беше поинакво кога тие ја вршеа власта во однос на периодот кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Јас бев единствениот обвинител кој во тој период отворено зборуваше за недостигот од реформи во обвинителскиот систем и во Советот на јавни обвинители. Имав критики и за измените на Кривичниот законик од 2023 година. Дополнително, моите обиди за професионално напредување беа неуспешни, а тогашниот министер за правда имаше коментари дека сум млада и дека ќе има други конкурси – рече Ристоска.

За полномошникот на партијата, Ружица Николовска, нејзиното сведочење било насочено повеќе на политика и правни аргументи.

-Сметам дека нејзиното сведочење излезе надвор од контекстот на тужбеното барање, бидејќи повеќе се зборуваше за политика отколку за вистински правни аргументи поврзани со конкретната навреда и клевета. Сите знаете како заврши СЈО и што се случи. Исто така, сите знаеме колкави високи бонуси беа исплаќани. Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во тогашниот момент беше во насока на слободата на говорот и слободното изразување на мислата. Во однос на наводните навреди за моралот, тоа е лично чувство на тужителката. Нејзе треба да ја прашате зошто ги доживува како навреди, рече Николовска.