При денешната посета на општина Брвеница претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на споменатите информации УСБ и плико со документи што биле дадени на Џафери и Ахмети истакна дека треба Џафери и Ахмети да ја кажат вистината за содржината на УСБ и пликото кои што им било дадено.
„Па еве ќе ги прашате и Талат Џафери и Али Ахмети за содржината на тоа УСБ, на тоа плико и каков документ имало во тоа плико и јас ќе ги следам внимателно нивните изјави и внимателно ќе следам дали ќе ја кажат вистината. Еве да оставиме тие да ја кажат вистината, бидејќи ти ги добиле два од трите документи“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што пензионерите протестираат за своите пензии а од власта велат дека нема простор за решение истакна дека очекува власта да се вразуми во однос на барањата на пензионерите, и потенцираше дека пензионерите ја имаат целосно поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.
„Па видете од власта велат дека нема простор за договор затоа што потрошија 200 милиони евра а од тие 200 милиони евра, гледате дека нема ниту лопата, гледате дека не е ископан ниту еден ров за оној капитален проект, и тоа се пари кои што завршуваат најчесто во приватни џебови како резултат на провизија и затоа нема за пензионерите. Јас веднаш повикувам на состојба кога треба да се разговара со пензионерите, тие ја имаат нашата поддршка, ја имаат мојата поддршка, и очекувам дека ќе се вразуми власта и дека ќе постапи според потребите на пензионерите бидејќи инфлацијата, скапиот живот и ова што се случува практично го уништува на дневна основа стандардот на граѓаните и пензионерите“, нагласи Мицкоски.