Министерот Шасивари му одговара на Ахмети: Потребно е правно, а не етничко решение за правосудниот испит

Министерот за правда Јетон Шасивари денеска му одговори на лидерот на ДУИ Али Ахмети на отвореното писмо за полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Во одговорот шасивари вели дека „прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик е премногу важно за да биде сведено на дневно-политички препукувања“.

Министерот за правда Јетон Шасивари денеска му одговори на лидерот на ДУИ Али Ахмети на отвореното писмо за полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Во одговорот шасивари вели дека „прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик е премногу важно за да биде сведено на дневно-политички препукувања“.

Шасивари вели дека ова прашање било отворено многу години пред тој да дојде на чело на Министерството за правда.

„Од 2001 година, осум поранешни министри за правда – Албанци, кои доаѓаа од редовите на ДУИ, имаа можност и институционална одговорност да го решат начинот на полагање на правосудниот испит. Но, тоа не се случи.

Како универзитетски професор по право со над 25-годишно искуство, ги знам одблиску јазичните бариери со кои што се соочувале цели генерации на студенти Албанци. Како министер за правда денес ја имам можноста и одговорноста да ја сменам оваа реалност.

Затоа, денес најмалку што им прилега на оние кои со години ја носеа одговорноста за ова институционално прашање е да ја претставуваат сегашната иницијатива како проблем што настанал вчера, или да се поставуваат како единствени заштитници на јазичните права.

Јазичните права не се партиска сопственост, ниту се политички капитал на кој било поединец или политичка партија. Тие се права на граѓаните, а нивното обезбедување е обврска на институциите.

Како министер за правда, моја обврска не е да собирам политички поени, туку да обезбедам законско, функционално и долгорочно решение. Не работиме на решение за една политичка партија, туку за сите сегашни и идни кандидати кои сакаат да го полагаат правосудниот испит.

Не избравме пат на импровизации и одлуки за дневно-политичка употреба. Го избравме патот на правно издржано решение“, вели Шасивари.

Тој вели дека оваа влада и партијата Влен нема да води политика со правата на граѓаните.

„Ќе ги решаваме проблемите што другите со децении ги оставиле нерешени.Тоа е разликата меѓу политичката реторика и државничката одговорност.

Предлагаме единствен модел во кој јазичната инклузивност и професионалните стандарди ќе се надополнуваат, а не да се исклучуваат.

Токму затоа сметам дека е потребно ова прашање да добие дополнителна правна потврда и мислење од Венецијанската комисија, најрелевантното советодавно тело на Советот на Европа за уставно-правни прашања. Ние немаме причина да се плашиме од европско мислење. Напротив, го бараме, затоа што веруваме дека правните аргументи, транспарентноста и институционалната одговорност се единствениот правилен пат до одржливо решение. Оттука, ги отфрлам обидите оваа постапка да се претстави како затворен политички договор или како обид за ограничување на нечии права.

Наместо однапред да ја прогласувате иницијативата за деградација, предавство или политички маневар, оставете правните аргументи да бидат разгледани од надлежните институции и европските правни експерти. Не може секој обид за изнаоѓање системско решение автоматски да се прогласува за напад врз јазичните права“, нагласува Шасивари.