
МИА под карпите на Матка, каде што светот остана без дно
Во срцето на кањонот Матка, на само петнаесетина километри од центарот на Скопје, е испишана нова страница во светската историја на истражувањето. Подводната пештера Врело, македонскиот природен бисер скриен под мирните води на езерото Матка, официјално стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот откако меѓународна експедиција достигна рекордни 338 метри длабочина.
Во срцето на кањонот Матка, на само петнаесетина километри од центарот на Скопје, е испишана нова страница во светската историја на истражувањето. Подводната пештера Врело, македонскиот природен бисер скриен под мирните води на езерото Матка, официјално стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот откако меѓународна експедиција достигна рекордни 338 метри длабочина.
Со овој подвиг е надминат досегашниот рекорд на француската пештера Фонт Естрамар, а Македонија се најде на врвот на светската спелеонуркачка карта. Истовремено во Врело се поставени и три светски рекорди: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко пештерско нуркање и најдлабоко нуркање на отворени води. Но, за да се разбере што навистина значи овој успех, потребно е да се тргне по патот што води кон Врело.
Одиме кон пештерата со чамец на Спелеонуркачкиот клуб „Врело“. Додека тивкиот мотор ги сечеше водите на езерото, а стрмните карпи се издигаа од двете страни како природни бедеми, нашиот домаќин Бојан Ангелески од СНК „Врело“ ја раскажува приказната за местото кое денес го восхитува светот. Интересно е што времето речиси целосно се совпаѓаше со условите што владееле на 16 октомври годинава, кога беше постигнат светскиот рекорд. Врнежливо, но исклучителна видливост во водата, услови што според нуркачите биле меѓу клучните предуслови за успешно спроведување на историското нуркање.
-Повеќето луѓе ја гледаат Матка одозгора и мислат дека таму се крие целата убавина. Всушност, вистинската мистерија е под водата – вели Ангелески покажувајќи кон карпите под кои се наоѓа влезот во подводната пештера.
Чамецот полека навлегува кон внатрешноста на кањонот. Од едната страна манастири стари со векови, од другата вертикални карпи високи стотици метри. Езерото изгледа мирно, речиси неподвижно. Ништо не навестува дека под неговата површина започнува свет во кој човекот сè уште нема стигнато до крајот.

Ангелески раскажува дека подготовките за експедицијата „Врело 2026“ траеле речиси шест месеци и претставувале продолжение на работата започната уште со експедицијата од претходната година.
-Најтешкиот момент беше две недели пред почетокот на експедицијата кога дознавме дека имало голем одрон од карпата над влезот на подводната пештера. Сè уште има видливи траги од него. Моравме веднаш да организираме акција за расчистување на влезот, бидејќи без тоа немаше да можеме безбедно да ја спроведеме експедицијата – вели тој.
Во акцијата учествувале членовите на СНК „Врело“, заедно со Нуркачкиот клуб „Видри“ од Србија, предводен од Жељко Бајкин, како и Гоце Димитриевски и Христијан Милановски. Тоа, всушност, не било првпат клубот да се соочи со ваков предизвик. И покрај тоа, никој не размислувал за одложување.
-За голем дел од работите што беа наша обврска како домаќини успеавме навреме да обезбедиме поддршка. Имавме помош од Армијата, специјалната единица „Тигар“, Град Скопје и ЕВН. Тоа дополнително го мотивираше тимот на Бартоломеј Питала, кој не ја криеше благодарноста за условите што ги создадовме за експедицијата – вели Ангелески.
Кога ќе се спомене бројката од 338 метри, таа звучи како статистика. Но зад неа стојат стотици часови подготовка и десетици луѓе. Во пештерата биле поставени повеќе од 30 боци со различни гасни мешавини, резервни батерии, греачи и сигурносни точки.

-Клучниот успех на експедицијата е тимската работа. Луѓето го паметат рекордерот, но зад еден ваков резултат стои тим од дванаесет нуркачи кои работеа како едно. Нивната единствена цел беше Барт безбедно да стигне до максималната длабочина и безбедно да се врати назад – вели Ангелески.
Тој објаснува дека сложеноста на операцијата започнува токму тогаш кога рекордот е веќе поставен.
Бартоломеј Питала до рекордните 338 метри се спуштил за околу 22 минути. За движење низ пештерата користел подводен скутер, бидејќи секое непотребно движење значи поголем замор и поголема потрошувачка на гасови. Но вистинскиот предизвик не е спуштањето, туку враќањето.

Како што објаснуваат спелеонуркачите, човек може брзо да се спушти надолу, но не смее брзо да излезе на површина. На тие длабочини организмот апсорбира големи количества гасови, а доколку нуркачот се искачи пребрзо, тие почнуваат нагло да се шират и можат да ги блокираат крвните садови, со последици слични на тромб.
Затоа, по достигнувањето на рекордната длабочина, Питала се вратил само до околу 200 метри. Оттаму почнува долгата и прецизно испланирана декомпресија. Метар по метар, според однапред подготвени табели и компјутерски пресметки, тој се искачувал кон површината. Најголемиот дел од декомпресијата го правел на 12 и на 6 метри длабочина, каде што со часови останувал во вода за телото постепено да се ослободува од насобраните гасови.
На шест метри длабочина дишел чист кислород, кој му помага на организмот побрзо да се исчисти од гасовите, но без опасност од нагло искачување. Во пештерата бил поставен и специјален „хабитат“ – воздушна комора под вода на околу седум до осум метри длабочина. Таму нуркачот можел накратко да одмори, да јаде или да се напие нешто, а сепак да остане под потребниот притисок за безбедна декомпресија.
Дополнително од безбедносен аспект нуркачите кога влегуваат во пештерата, зад себе оставаат макара со специјално јаже, таканаречена животна линија. Таа се врзува од карпа до карпа и останува трајно поставена во пештерата. Ако во некој момент водата се замати или нуркачот остане без светло, токму оваа линија е единствениот патоказ кон излезот.

Како што објаснува нашиот домаќин Бојан, секој пештерски нуркач со себе носи и дополнителна линија. Во случај на целосен мрак или изгубена ориентација, тој прво се поврзува со резервната линија, ја пронаоѓа главната и потоа по неа полека се враќа кон излезот. Ваквите сценарија се составен дел од обуките и се вежбаат во целосна темнина.
На линијата се поставуваат и специјални маркери, таканаречени „кукис“ – мали триаголни стрелки кои го покажуваат правецот на излезот. Кога видливоста е нула, нуркачот ги препознава само со допир и според нив знае дали се движи кон површината или подлабоко во лавиринтот на пештерата.
Целата операција траела речиси девет часа. Во текот на враќањето Питала не бил сам. На различни длабочини го пречекувале други нуркачи кои ја проверувале неговата состојба и исправноста на опремата. Од 190 метри па сѐ до излезот постојано имал придружба, бидејќи во оваа фаза се можни невролошки проблеми предизвикани од високите притисоци и од постепеното исфрлање на хелиумот и другите гасови од организмот. Последните три часа од декомпресијата, на шест метри длабочина, со него бил и македонскиот нуркач Гоце, кој внимавал сѐ да се одвива според планот.

Токму затоа рекордот не е само достигнување на дното на пештерата. Вистинскиот подвиг е безбедно да се вратиш назад. А патот од 338 метри длабочина до површината, иако изгледа краток на хартија, трае со часови и бара прецизност, трпение и дисциплина на самиот раб на човечките можности.
Резултатот стигна на 17 октомври. Врело стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот.
-Реакцијата на тимот беше бесценета. Сите бевме во неверување. Во еден момент сфативме дека Врело на Матка стана најдлабоката пештера во светот истражена од човек. Тогаш целиот труд вложуван со години конечно доби вистинска вредност – вели Ангелески.

Неколку часа подоцна, кога завршила повеќечасовната борба со длабочината, студот и декомпресијата, Бартломиеј Питала конечно се качил на чамецот. Наместо драматични зборови, првото нешто што го кажал пред насобраните членови на експедицијата било едноставно:
„Мислам дека си го заслужив пивото!“
Но никој тогаш не размислувал за пивото. Сите сакале да ја слушнат бројката.
„Бројката! Кажи ја бројката!“, одекнувало од чамецот и од брегот.
Питала, видно изморен, но со насмевка на лицето, решил уште малку да ја продолжи неизвесноста.
„Сакате да ја знаете бројката?“
„Да!“
„Што мислите, колку е?“
„320!“
„Повеќе!“
„340!“
Во тој момент никој не бил сигурен дали навистина слуша добро.
Неколку секунди подоцна следувале прегратки, ракувања и честитки од сите страни.

На брегот на Матка тогаш веќе било јасно дека не се слави само уште едно успешно нуркање. Се славел момент во кој една мала земја на Балканот стана дом на најдлабоката подводна пештера која човекот некогаш ја истражил.
Но, приказната за Врело е многу постара од рекордот.
Таа започнува во 1995 година со првите организирани истражувања. Продолжува со експедициите во 2000, 2007 и 2009 година, кога нуркачите постепено стигнуваат сè подлабоко. Во 2012 година Луиџи Касати достигнува 212 метри, а во 2015 година Кшиштоф Старнавски стигнува до 242 метри. Во 2025 година Бартломиеј Питала поставува нова граница од 287 метри.
Секоја генерација верувала дека се доближува до крајот. Секоја следна генерација откривала дека пештерата продолжува понатаму.
Од чамецот, додека го набљудуваме местото каде што некаде под водата се крие влезот во пештерата, таа бројка од 338 метри добива сосема поинакво значење. Под нас не се наоѓа само пештера. Под нас е систем од подводни галерии, вертикални коридори, воздушни сали и канали кои природата ги создавала со илјадници години.
-Буквално секој дел од пештерата, уште од самиот влез, потсетува на сцена од научнофантастичен филм – вели Ангелески.
Влезот во подводниот дел на Врело се наоѓа неколку метри под површината на езерото. Оттаму започнува свет исполнет со кристално чиста вода, огромни пространства и карстни форми кои изгледаат како скулптури создадени од невидлив уметник. За оние што никогаш нема да имаат можност да нурнат на тие длабочини, Ангелески се обидува да го опише чувството.
-Галериите во најдлабоките делови не се многу поразлични од другите делови на пештерата. Но чувството дека сте еден од ретките луѓе на планетата што можат да бидат на таа длабочина и во таа средина е навистина магично – појаснува нашиот домаќин и нагласува дека токму тоа чувство ги враќа странските експедиции повторно на Матка.

Иако Врело денес е светски рекордер, нејзината најголема мистерија останува нерешена.
-Најголемата тајна на Врело е нејзината конечна длабочина. И денес, иако е најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек, таа продолжува да меандрира во карпите и никој не знае каде навистина завршува – вели Ангелески.
Токму тука почнува следното поглавје. Клубот планира повеќе научни истражувања, датирање на староста на пештерата, мониторинг на протокот на водата, обука на нови нуркачи и понатамошна промоција на спелеонуркањето и природното богатство на Матка.
-Најимпресивно е што сме дел од истражување кое се случува во 21 век, време кога многумина мислат дека човекот веќе ја истражил планетата. Врело докажува дека сè уште постојат непознати светови што чекаат да бидат откриени – вели Ангелески.

Додека чамецот се враќа кон браната, Матка повторно изгледа мирно и спокојно. Туристите фотографираат, планинарите ги следат патеките по карпите и сите знаат дека под таа мирна вода се крие место кое го носи светскиот рекорд. Место кое сè уште не ги открило сите свои тајни. И место кое денес гордо го носи името на Македонија до самиот врв на светот.
Макарата што ја поставија нуркачите и денес останува длабоко во пештерата Врело. Таа ја обележува границата на сегашниот светски рекорд, но и патот кон она што допрва треба да се открие.